Точно на пладне, исклучените од системот на Топлификација денеска пред Регулаторна комисија за енергетика ќе го одржат својот јубилеен, 150-ти протест.
„На протестот ќе објасниме зошто калориметрите се задолжителни и чија одговорност е нивното поставување. Продолжува и акцијата за собирање на потписи против незаконското работење на извршителите. Ќе има и други содржини за кои мислиме дека ќе ви го привлечат вниманието“, соопштуваат од иницијативата.
Инаку, пред почетокот на новата 2018 година властите информираа дека поставувањето калометри, според законот за енергетика, кој се подготвува, ќе биде задолжителна обврска за новите згради. Односно за секој нов објект со започната постапка за одобрение за градење, откако законот ќе стапи на сила.
Во однос на оние што веќе се приклучени на дистрибутивната мрежа, кабинетот на министерот Кочо Анѓушев потенцираше дека поставувањето е оставено на избор на самите потрошувачи и ќе нема наметнати дополнителни трошоци за постојните корисници.
Според најавите, новиот закон за енергетика треба да стапи во сила кон крајот на годинава.