Искуствата на Бујо и Симона – како да се стигне до Харвард и Колумбија

Филип Бујаровски е единствен Македонец кој годинава доби целосна стипендија за да студира на престижниот универзитет Харвард во Бостон. Симона Сарафиновска успеа да добие целосна стипендија за 12 врвни универзитети, меѓу кои се Stanford и дури два универзитети од престижната Ivy League (Princeton и Columbia), Duke, Amherst, како и други американски и европски универзитети. Искуствата на Бујо и Симона - како да се стигне до Харвард и Колумбија И двајцата средното училиште го завршуваат во приватни средни училишта. Она што исто така ги поврзува е фактот што двајцата се успешни дебатери, но и вистински млади лидери. За Радио МОФ, во емисијата „Незадолжителна лектира“ тие поделија дел од своите искуства за тоа што е потребно за да се влезе на најдобрите универзитети во САД.

Дали тоа што сте дебатери и имате големи дебатни успеси помогна при аплицирањето за стипендии на врвните американски универзитети?

Симона: Успесите се секако важни. Но според мене тоа што сум дебатер ме изгради како личност. Да напоменам дека во Америка бараат да си сестрана личност, целосен човек развиен во сите аспекти и дебатата тука многу ми помогна бидејќи сакам да станам научен кадар, односно научник. Дебатата е тоа што ми помогна да се оформам себеси и како губитник и како добитник.

Бујо: Да, отидов (на дебата) за да кажам дека правам и нешто на страна…освен информатика. И така сфатив колку дебатата е забавна и ми го отвори светот за сите социјални науки. Мојот интерес за социјалните науки се зголеми, и мислам дека тоа што освоивме петто место на Светското дебатно првенство, ми ги отвори вратите, особено кон Харвард.

Што вреднуваат најмногу, што треба да поседува еден средношколец за да биде примен добар универзитет во САД?

Симона: Многу ценат лидерство, некој што знае да води, организира и да биде главен на група луѓе. Бараат некоја иницијатива, нешто ново. Ако некој сака да студира политички науки, поволно е да е дебатер, но треба да има уште нешто што ќе го направи поразличен од другите.

Бујо: Тоа што е во училиште е неважно, оценките не ги гледаат американските универзитети. Најбитни се вонучилишните активности. Се гледа тоа што го правите на страна. Бидете целосни личности за да ве примат.

Simona

Дали мислите дека ако бевте ученик во државно средно училиште ќе беше потешко да ве примат во странство?

Симона: Морам да кажам да, затоа што системот на поддршка што го имаме ние е многу поголема. Јас ако побарам препорака ќе ја добијам за два дена по мејл. Имаме и луѓе што се специјално вработени за да го прават тоа. Додека од искуство, од другари(во државните средни училишта) знам дека или сами морале да си ги пишуваат препораките или морале да ги преведуваат на англиски.

Колку се плаќа за една апликација?

Симона: Зависи од факултетите. На многу од факултетите дозволуваат да напишеш писмо дека не си во можност финансиски да ги покриеш апликациите. Дали ќе те примат е едно сосема ново прашање, бидејќи никој не може да ти каже што точно треба да направиш. Америка е феноменална во поглед на образование, бидејќи покриваат секакви трошоци. Два од факултетите ми понудија, дури и да ми даваат пари за во лето, покрај тоа што ќе ми ги покријат и другите трошоци.

bujo

Кој универзитет го одбравте?

Симона: Колумбија, во Њујорк само затоа што кога го видов се замислив како шетам низ Централниот парк. Покрај тоа имаат најдобар истражувачки оддел на светот за биoхемија и молекуларна биологија. Колумбија е универзитет кој дал најголем број Нобеловци. А и кога видов дека ги посетуваме музеите во Њујорк и театрите во Бродвеј како дел од задолжителната програма, тоа ја зацврсти мојата одлука.

Бујо: Аплицирав на 17 американски факултети и еден европски, убеден бев дека не сакав да учам во Скопје поради неколку работи. Првата е името, многу малку луѓе не слушнале за Харвард, потоа затоа што има фантастичен буџет, најдобри светски професори, најдобри светски лаборатории.

Корисен совет за средношколците што сакаат да студираат на американски универзитет?

Бујо: Секој може да се запише на Харвард. Тргнав по тоа што ми беше сон, тргнав две години по информатиката, тргнав две години по дебатата. Имав многу вонучилишни активности, невладини организации…Секој човек може да го постигне тоа што јас го постигнав на академски план.

Александра Филипoва и Софија Павловска