На социјалните мрежи започна да се споделува мејл соопштение од Министерството за образование и наука, со кој информираат студенти дека им се ускратува правото на студентски оброк, иако студентите претходно успешно аплицирале на конкурсот.
Дел од студентите го споделија мејлот кој им пристигна, за потоа да соопштат дека и покрај добиениот мејл, добиле и средства на својата трансакциска сметка.
Од МОН за Радио МОФ велат дека не станува збор за системски или технички проблем, туку повеќе студенти аплицирале од еден ист мејл.
„На повеќе од 70 студенти им е стигнато известување дека се одбиени, бидејќи мејлот им се води на друго лице и од тие причини се известени дека им се укинува, а во суштина тие ги исполнуваат условите. Проблемот е што повеќе студенти аплицирале од еден ист мејл. Некои коишто добиле известување дека се одбиени, ги добиле средствата, уплатени им се на сметка“, информираат оттаму.
До редакцијата на Радио МОФ се обратија повеќе студенти со истиот проблем.
„Не разбирам како тоа заклучиле дека на друго лице ни се води апликацијата за стипендијата, бидејќи на истиот мејл јас аплицирав кога го пуштија конкурсот и бев прифатена? А, уште нешто: и на стипендијата која е за студенти со висок успех во просек аплицирав минатата година преку ист мејл и немав никакви проблеми“, објаснува студентка.
На Инстаграм ни пиша и друга студентка која добила и мејл и исплата. Вели дека кога аплицирала, било сè во ред бидејќи добила повратен мејл дека нејзината апликација е разгледана и прифатена.
„А сега, разгледан и сè, и не сум ги исполнувала условите. Не сум вработена и сум редовен студент, а мејлот е со моето презиме“, нагласи таа за Радио МОФ.
Од УСС УКИМ известија дека се запознаени со проблемот кај дел од студентите, притоа додавајќи дека се еднакво збунети и лути од одлуката.
„Исконтактиравме со МОН и ни го одговорија следново: Испратете име, презиме, матичен број и барање за образложение зошто сте одбиени и да се разгледа одлуката повторно бидејќи сметате дека ги исполнувате условите на следниов меил: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk“, објавија оттаму.
Од МОН дополнуваат дека во моментов се работи на надминување на проблемот, додавајќи дека веќе ги контактираат студентите.
И.С.