Исплови најголемиот крузер на светот долг 365 метри

Од пристаништето во Мајами денеска на своето прво патување исплови најголемиот крстаречки брод во светот, пренесува Ал Џазира Балканс.

Бродот „Icon of the Seas“ е долг 365 метри, има 20 палуби и капацитет да прими до 7.600 патници. Бродот кој е во сопственост на компанијата „Royal Caribbean Group“ ќе крстари околу тропски острови.

Сепак, еколозите предупредуваат дека бродот што работи на течен природен гас ќе испушта штетен метан во воздухот. „Тоа е чекор во погрешна насока.

Според нашата проценка, користењето на ЛНГ како гориво за бродовите испушта повеќе од 120 проценти повеќе емисии на стакленички гасови отколку бродскиот дизел“, рече директорот на морската програма на Меѓународниот совет за чист транспорт (ICCT) Брајан Комер.

Портпаролот на „Royal Caribbean“ рече дека „Icon of the Seas“ е енергетски поефикасен за 24 проценти отколку што бара Меѓународната поморска организација за модерни бродови.

Компанијата наведе дека до 2035 година планира да воведе брод со нулта емисија во својата флота.