Даниел Мартиновиќ од здружението „Виножитно семејство“ изјавил дека одлуката на Управниот суд во Хрватска според која истополовите животни партнери можат да пристапат и да аплицираат како посвојувачи е историски момент, пренесува „N1“
По битка која траеше 5 години, Управниот суд во Загреб одлучи дека парот Шегота-Кожиќ не смее да биде дискриминиран во постапката за проценување на посвојувачи бидејќи тие веќе склопиле животно партнерство.
„Оваа историска пресуда ги отвора вратите за сите геј и лезбијски парови во Хрватска, кои сакаат да станат посвојувачи, а истовремено потврдува дека животните партнери мораат да имаат еднакви права како и брачните партнери во сите постапки“, наведуваат од „Виножитно семејство“.
Парот Шегота-Кожиќ во 2016 година беа одбиени во процесот за посвојување бидејќи се во истополово животно партнерство. Откако нивното барање беше одбиено, тие го тужеа Министерството за демографија, семејство, млади и социјална политика. Судот пресуди во нивна корист, а Даниел Мартиновиќ од „Виножитно семејство“ објаснува дека оваа пресуда е важна бидејќи им дава право на истополовите животни партнери да можат да аплицираат за посвоувачи. Тој се надева дека Центарот за социјална заштита нема да ја игнорира пресудата и ќе постапи по законот и одлуката на надлежниот суд.
Според податоците од февруари 2021 година, во Хрватска 4439 деца живеат без родителска заштита, од кои 2133 живеат во домови, а 2306 кај посвојувачи.
„Сè уште ни е тешко да поверуваме дека доживеавме ваков расплет на ситуацијата. Очекувавме долга правна „Одисеја“ и спорови во Европскиот суд за човекови права. Но, Управниот суд во Загреб постапи разумно, почитувајќи го Уставот на Република Хрватска, меѓународната конвенција и нашите закони и пресуди во корист на нашите членови Младен Кожиќ и Иво Шегота. Многу сме среќни за оваа пресуда, не само поради Младен и Иво, туку и за сите други парови кои размислуваат за посвојување и сакаат на тој начин да го прошират своето семејство“, изјавил за медиумите претседателот на „Виножитно семејство“, Даниел Мартиновиќ.
Од здружението нагласуваат дека сега на потег е Министерството за труд и социјалната политика, за идните случаи да не се изложени на неправда.
„Ние веќе пет години повторуваме дека граѓанките и граѓаните на Република Хрватска не смеат да бидат дискриминирани поради својата сексуална ориентација или поради родовиот идентитет и сите мораат да имаат еднакви права. Уставот по ова прашање не може да биде појасен“, додал Мартиновиќ.