На 20-ти март до надлежен државен инспектор за животна средина со седиште во Гостивар била доставена информација од страна на полицијата за излевање на темна супстанца во Дебарско Езеро, која што предизвикала угинување на жив свет во езерото, известуваат од Државниот инспекторат за животна средина.
Оттаму известуваат дека со цел навремено обезбедување на докази, полицијата зела мостри од езерото и од соодветни локации долж канализациската мрежа, а мострирањето, односно земањето примероци, било спроведено во текот на денот.
„На 22-ри март инспекторот беше на терен со Началникот на одделението за внатрешни работи во Дебар, го подготвија и го предадоа предметот до Основното јавно обвинителство во Дебар. Јавното обвинителство итно ќе издаде налог за анализа на земените мостри од страна на акредитирана лабораторија, што ќе овозможи откривање на сторителот, односно изворот на загадувањето“, нагласуваат од ДИЖС.
Од институцијата нагласуваат дека за делото опишано во Кривичниот законик во член 218 – “Загадување на животната средина и природата“ предвидена е казна затвор во траење од четири до десет години, или парична казна.