Околу 850 пешаци и 110 велосипедисти умираат секој ден ширум светот во несреќи со автомобили. Според СЗО над 300.000 пешаци и околу 50.000 до 100.000 велосипедисти ги губат животите годишно. Во Скопје 25-30% од жртвите во сообраќајот се пешаци, вели Дафина Шекутковска, помладa UX дизајнерка и истражувачка што го развива SAFE8, софтвер за зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите.
Шекутковска, која бара поддршка од организации, фирми и МВР за да се комплетира алатката, потенцира дека постои недостаток на анализи за т.н. „црни точки“ – места со најголем број сообраќајни несреќи.
„Постои и недостаток на успорници, поставени стратешки“, нагласува Шекутковска.
Затоа, според неа е нужно да има алатка што одговорните институции и лица би ја користеле за прецизно да се определуваат критичните сообраќајни локации. Понатаму, алатката би собирала, обработувала и зачувувала податоци, за потребите во иднина.
Меѓу другото, софтверот да прави и графици, дава статистичка анализа на податоците, да ги анализира локациите кои се најприоритетни, да дава препораки за поставување успорници (мерки)…
„Да креира извештај, од избраното подрачје. Според параметри од локациите на сообраќајните несреќи, да прави предиктивна анализа на идни можни локации за повторно случување на несреќи и увид во превентивни мерки за избегнување ризици. Да прави и мониторинг над резултатите од превземените мерки“, се вели во UX истражувањето на Шекутковска за SAFE8.
Решението на состојбите со сообраќајот таа го гледа преку анализа со „Python Data Science“ и „Machine Learning“ алгоритми со користење на јавни податоци од билтенот на МВР, каде се евидентираат сите видови сообраќајки и нивните локации, според записниците на полицијата.
Односно, бара полициските податоци да се поврзат со SAFE8 и потоа да можат автоматски да се ажурираат.
„Потребна е дозвола за понатамошно користење на податоците од МВР, кои се веќе јавни, со цел софтверот соодветно да функционира и да се стави во употреба. Тоа ќе биде важно за сите нас“, нагласува UX истражувачката, која воедно е и физичарка и уметница.
За Шекутковска нема сомнеж дека SAFE8 има придобивки и вредности за сите засегнати страни. Прво и основно, спасени животи и влијание врз безбедноста.
„Извештаи од International Transport Forum (ITF) и National Highway Traffic Safety Administration (NHTSA) покажуваат дека безбедносните интервенции може да ги намалат несреќите за 30%–50%. Со оваа иновација процентот ќе се зголеми значително“, посочува таа.
Другото е намалување на трошоците.
„Се намалуваат трошоците преку спречување несреќи и намалување на трошоците за обештетување. Се намалуваат медицински трошоци и штети, со заштеда од илјадници до милиони евра годишно. (Во однос на вклученост на заедницата) го подобрува квалитетот на живот, добивајќи поддршка од жителите и локалните власти. Развива свесност и промена на однесувањето. Подобрен урбан живот – побезбедни улици поттикнуваат пешачење и возење велосипед, што намалува емисии од возила“, стои во проектната презентација на SAFE8.
Шекутковска има направено план и кои би биле изворите на приходи, како би се обезбедила самоодржливост, какво би се нудел софтверот на локални власти или урбанистички планери, па се’ до начините на подобрување на соработката со надлежните органи преку кампањи, презентации, преку мобилизирање на заедницата…
Оттука, бара поддршка и од сите добронамерници, компании, организации што би и’ помогнале да ја реализира идејата.
„На софтверот вложив доста труд, но важно е да се согледа неговата примена и тој да се стави во практична употреба. Со тоа, да нема сообраќајни жртви, да бидат побезбедни пешаците и велосипедистите, но, не само тие, туку генерално да се постават нови трендови во урбаната безбедност и мобилност“, нагласува Шекутковска.
Инаку, Радио МОФ на повеќе пати пишуваше и анализираше како автоцентричните политики го „јадат“ секој слободен метар, а притоа не се води премногу сметка ниту за функционалноста и безбедноста на сообраќајот, што го покажа и последниот случај со Фросина.
Ако зборуваме за автоцентричност, таа може да се мери по постојаниот сообраќаен грч, узурпираните велосипедски и пешачки патеки од возачи што „се враќаат за 5 минути“, по неказнивоста, како и по градењето автопати насред град што стимулираат брзо возење. Плус, популарноста на колите расте, а јавниот превоз опаѓа. Статистиките велат дека убедливо најголем дел од возниот парк во Македонија се наоѓа во Скопје. Во главниот град во 2022 година имало 203.741 регистрирано возило, од кои 172.921 се патнички автомобили, што е скок за дури 50.000 за една деценија. Скоро дупло рипнал и бројот на моторцикли, единствено се намалуваат автобусите.
Бојан Шашевски