Општините минатата година потрошиле 80 милиони евра за јавни набавки, што е за 44 проценти помалку од претходната година, покажува базата со податоци за сите набавки на општините што ја објави денеска Центарот за граѓански комуникации.
Општина која склучила најмногу јавни набавки е Град Скопје со 153, а најмалку Градско со три набавки. На оваа листа, „Пуцко петрол“ е компанија со склучени највредни договори за јавни набавки во вредност од 2,9 милиони евра, на второ место е „Бауер БГ“, со 2,3 милиони евра и на трето „НБ Цомпани“ од Тетово во вредност од 2 милиони евра.
Базата, со податоци за општинските тендери за последните три години, открива голем јаз помеѓу вредноста на набавките на општините.
„Само десет општини потрошиле за јавни набавки половина од парите што ги трошат сите општини заедно, односно околу 42 милиони евра. И кај фирмите е забележана истата концентрација. Првите десет фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки заедно учествуваат со 22 процента во вкупната вредност на набавките на општините“, информира Центарот за граѓански комуникации.
Базата oвозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, како и графички прегледи на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. До базата на податоци може да се пристапи ОВДЕ.