Лошата економска состојба во која се наоѓаат медиумите, како и политичките притисоци и манипулацијата со медиумски содржини за остварување политички цели, се главните причини за падот на квалитетот на новинарството во С. Македонија. Тоа придонесува медиумските работници да бидат лесно ранливи на директен или индиректен притисок. Постои тесна поврзаност помеѓу независноста на медиумите и квалитетните медиумски производи, а интегритетот на медиумските работници, односно почитувањето на медиумските стандарди и уредничката култура – се клучни за квалитетот на медиумските производи.
Ова се дел од заклучоците на истражувањето „Значењето, присуството и свеста за критичко мислење и медиумска умешност во медиумската индустрија” во рамки на „КриТинк“, чии наоди денеска беа презентирани.
Авторите Иван Стефановски и Марија Димановска заклучуваат дека медиумите имаат клучна улога во развојот на демократијата во современото општество. Медиумите се двигатели на демократскиот дијалог за тековните политички, економски и социјални случувања, заосновани на релевантни факти.
„Сепак, медиумите како комуникатори што работат во служба на вистината честопати стануваат мета на лаги, гласини и измама. Дополнително, медиумите неретко потпаѓаат под притисок и надворешни влијанија, а честопати и нивната финансиска сигурност и одржливост се доведуваат во прашање. Сето тоа доведува до опаѓање на квалитетот на медиумските производи и стандарди, кои овозможуваат проток на дезинформации, лажни вести, спинови и медиумски манипулации“, се вели во документот.
Истражувачите посочуваат дека недостатокот од инвестиции во новинарството доведе до зголемен обем на неквалитетни медиумски содржини, кои не се креирани врз основа на медиумските стандарди и етичкиот кодекс.
„Наодите од спроведениот анкетен прашалник (меѓу медиумски работници н.з.) покажуваат загрижувачка перцепција дека новинарската професија ја губи својата атрактивност, со тоа што 82,83% од испитаниците се согласуваат со ова тврдење, а ниските плати и лошите работни услови беа наведени како најчести причини што доведуваат до таа состојба. Што се однесува до истражувачкото новинарство, наодите покажуваат дека недостигот од финансиски капацитети и финансиска независност, како и недостигот од човечки ресурси најмногу влијаат врз квалитетот на истражувачкото новинарство“, се вели во документот.
Истражувачите истакнуваат дека слабата финансиска состојба на медиумите ги прави медиумските работници лесно ранливи и подложни на директен или индиректен притисок.
„Иако испитаниците препознаа дека најголем дел од притисоците упатени кон медиумските работници потекнуваат од политичките партии, исто така, констатираа позитивна тенденција на намалување на политичките влијанија по промената на власта од 2017 година, а со тоа и поголема слобода на говор и поголема слобода на медиумите. Сепак, политиката на автоцензура продолжува да биде евидентна, како во пракса, така и во извештаите на Европската комисија. Како основни причини што доведуваат до оваа состојба се наведени влијанието на политиката во медиумите, спрегата на сопствениците на медиумите со политичките партии, слабиот уреднички кадар, како и напливот на интернет-портали без импресум“, стои во документот.
Тоа, велат авторите, доведува до вечната дилема помеѓу регулацијата и саморегулацијата на медиумите.
Дел од испитаниците сметаат дека постои потреба од поголема регулација на медиумскиот простор, односно „расчистување“ на медиумскиот простор во поглед на практикување професионално новинарство и поголема ангажираност на институциите за идентификување на медиумите што не работат според професионалните и етичките стандарди.
„Во однос на владиниот Акциски план за одлучна акција против ширењето дезинформации, голем дел од учесниците во истражувањето сметаат дека нема ефективно да се имплементира во пракса, како и дека нема да го подигне нивото на медиумската писменост кај граѓаните и капацитетот на институциите што се бават со оваа проблематика“, велат истражувачите.
Најраспространето мислење кај учесниците во истражувањето е дека е потребно наставната програма за новинарски студии да содржи посебна и специфична едукативна содржина за стимулирање на развојот на медиумската писменост. Дополнително, мнозинството се согласува дека е ограничен капацитетот на високообразовните институции за создавање кадар што е во можност да ги следи техничките и технолошките состојби во медиумите.
„Евидентна е и потребата од зголемена комуникација и соработка помеѓу медиумите и институциите што развиваат или едуцираат медиумски работници. Постои тесна поврзаност помеѓу независноста на медиумите и квалитетните медиумски производи, а интегритетот на медиумските работници, односно почитувањето на медиумските стандарди и уредничката култура се клучни за квалитетот на медиумските производи“, се заклучува во истражувањето.
Истражувачите, меѓу другото, препорачуваат медиумските работници, како и медиумите во целост, да се залагаат за професионални и етички стандарди во новинарството, како и зголемена примена на алатките за саморегулација. Понатаму, медиумите активно да учествуваат во промоцијата на медиумската писменост преку зголемување на квалитетот и разновидноста на медиумските програми од информативно-едукативен карактер.
Институциите, пак, во партнерство со медиумите и граѓанските организации, потребно е да креираат политики и механизми за развивање на медиумската писменост.
„Институциите треба да заземат проактивна улога во зајакнувањето на финансиските капацитетити на медиумите, како и во креирањето поволна средина за финансиски инвестиции во медиумската индустрија. Потребно е да се зголеми соработката меѓу професионалните медиумски организации како и другите институции што се релевантни за медиумскиот сектор. Од исклучителна важност е да се ревидира наставната програма на студиите по новинарство со цел да се стимулира развојот на медиумската писменост и критичкото мислење. Многу е важно да се подобри капацитетот на високообразовните институции во согласност со актуелните технички и технолошки состојби во медиумите. Особено е важно да се подигне свеста за улогата на медиумите како двигатели на демократијата во општеството, а подобрувањето на состојбата со медиумите треба да се третира како стратешка цел“, стои во делот на препораки.
Истражувањето е спроведено од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии и Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис, во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк “, кој се реализира со поддршка од Европската Унија.
Б.Ш.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.