Луѓето кои се информираат преку социјалните мрежи како што се Фејсбук и Јутјуб, веруваат повеќе во теориите на заговор за пандемијата на коронавирус и повеќе ги кршат правилата за карантин, покажува ново истражување на колеџот Кингс во Лондон и агенцијата „Ипсос Мори“, а пренесува Б92.
Десетици 5Г предаватели беа запалени во Велика Британија во последните неколку недели. Полицијата соопшти дека нападите биле мотивирани од верувањето дека 5Г мрежата е поврзана со пандемијата.
Анкетата покажува силна врска помеѓу верувањето во теории на заговор и потпирање на информации од социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Јутјуб, Твитер и Ватсап, наместо традиционалните електронски или печатени медиуми.
Меѓу луѓето кои веруваат дека коронавирусот воопшто не постои, 56 проценти изјавиле дека Фејсбук е нивниот главен извор на информации.
„Се покажа дека луѓето кои ја напуштиле куќата, излегле надвор или да работат, иако имале симптоми на коронавирусот, биле повеќе информирани преку социјалните мрежи“, вели Даниел Алингтон од колеџот Кингс за Гласот на Америка.
„Тоа е ризик за јавното здравство со кој треба да се справиме“, вели пратеникот на Конзервативната партија, Дамјан Колинс, кој исто така е загрижен за улогата што социјалните мрежи можат да ја играат во вакцинацијата.
„Ако дојдеме во ситуација кога имаме вакцина, а ефективноста на вакцината бара повеќето луѓе да се согласат да ја земат, тогаш мора да имаме доверба од луѓето за тоа. Ако луѓето шират теории на заговор и лаги за вакцината и се обидуваат да ги убедат другите да не ја примат, тогаш тоа е сериозен ризик за јавното здравство “.
Фејсбук, ЈуТјуб, Твитер наведуваат дека отстраниле стотици илјади видеа и објави што содржат дезинформации за Ковид-19 кои може да бидат штетни.
Компаниите кои работат социјални мрежи се соочуваат со проблеми на многу фронтови.
Повеќе од 150 компании, вклучувајќи ги Старбакс и Кока-Кола, престанаа да се рекламираат на Фејсбук, како резултат на дезинформации и говор на омраза.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.