Се подига свеста за селектирање отпад кај македонските граѓани, но младите од 18 до 30 години тоа го прават значително помалку од останатите возрасни групи, покажа новата анкета за свеста навиките и однесувањето во селектирањето на отпадот од амбалажа која ја спроведе друштвото за управување со амбалажен отпад – Пакомак.
Во истражувањето од оваа година, за разлика од претходните, зголемени биле бројот на испитаници од 1.000 на 1.200, како и градовите каде се спроведе анкетирањето од 7 на 9 (Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Тетово, Штип, Охрид, како и двата дополнителни града: Прилеп и Велес).
Истражувањeтo, во однос на последната направена анкета во 2017 година, покажа дека постои напредок во подигнување на свесноста за селектирање на отпадот или во бројки кажано оваа година нешто повеќе од една третина (37%) од граѓаните во најголемите градови во државата имаат развиено навика секогаш или често да селектирааат отпад, што во однос на 2017 година (33,9%) е раст за 3,1 %.
Ова значи дека 4 од 10граѓани од најголемите градови во државата секогаш или често селектираат отпад. Во овој циклус на истражување Прилеп и Струмица оваа година се покажаа како два града каде статистички повеќе граѓаните селектираат во споредба со другите градови, за разлика од 2017 година кога такви градови биле Битола и Скопје. Женските, како и граѓаните на возраст над 45 години се оние кои селектираат отпад во поголем број од машките и помладите на возраст до 45 години. Заклучокот од истражувањето од 2017 година дека младите од 18-30 години во значително помал број селектираат отпад останува да важи и според резултатите од овој круг.
Убедливо е мнозинството на граѓани кои селектираат генерално пластиката (82%) но, и стакло (42%) кои ги сметаат за посебен вид на отпад за селектирање. Понатаму следи хартијата со (34%).
Истражувањето не забележува статистички значајни разлики меѓу различните социо-демографски групи граѓани во однос на видот на отпад кој се селектира. Исклучок се само најстарата категорија граѓани на возраст од 65 и повеќе години кои во поголем број (58%) изјавуваат дека селектираат стакло, во однос на другите возрасни групи.
Оние граѓани кои изјавиле дека никогаш не селектираат отпад, сметаат дека главни причини за тоа се недостатокот на контејнери/канти за селектирање (79%), како и немањето навика за тоа (35%). Немањето навика за селектирање, како причина е значајно зголемена во однос на резултатите од 2017 кога била наведено дека само 11% од граѓаните не селектираат.
Од 2017 до 2019 година, перцепцијата за достапноста на контејнери за селектирање отпад е зголемена од двајца на тројца од десет граѓани. Во овој круг на истражувањето 31% од испитаниците изјавиле дека имаат контејнери за селектирање отпад во околината на домот, за разлика на 17% кои го изјавиле истото во 2017 година. Дефицитот на контејнери за селектирање е значајно намален во минатите две години. Прилеп, Охрид, Скопје и Битола се градовите каде според мислењето на граѓаните, достапноста на контејнерите е поголема во однос на другите градови. Од оние граѓани кои имаат контејнери за селектирање во близина на домот, мнозинството (37%) изјавиле дека тоа се контејнери за рециклирање на трите материјали: стакло, хартија и пластика.
Од оние 68% граѓани кои изјавуват дека немаат достапни контејнери за селекција на отпад, речиси сите (94%) изјавуваат дека истиот би го користеле доколку им стане достапен. Како што беше заклучено и во претходното истражување, оваа интенција за користење треба да се земе со резерва бидејќи граѓаните често даваат „социјално прифатливи одговори“.
Но, од друга страна истражувањата и споредбата на резултатите од 2017 и 2019 година покажуваат дека зголемената достапност на контејнерите право-пропорционално ја зголемува и навиката за селектирање отпад кај граѓаните.
„Овие анкети за нас се од големо значење и се патоказ за состојбата во која во моментов се наоѓаме но и ни го покажуваат патот кон кој треба да целиме. Чувствуваме големо задоволство кога ќе забележиме процентуален успех во однос на последната анкета направена во 2017 година. Општиот заклучок е дека граѓаните од урбаните подрачја имаат високо ниво на свесност и се запознати за тоа кои сè видови на отпад можат да се селектираат и рециклираат. Пластиката, хартијата и стаклото се материјали за кои 9 од 10 граѓани знаат и се свесни дека можат да се селектираат и рециклираат. Додека само 1 од десет граѓани е запознат дека батериите, железото и лименките можат да се рециклираат. Нашата работа продолжува со засилени активности и во иднина и нема да застанеме се додека не се доближиме до европските стандарди и свест во однос на селектирањето на отпадот. Како за споредба во земјите на ЕУ кои имаат висока стапка на рециклирање на отпадот, има еден сет контејнери за селекција (жолт, син, зелен) на 200-500 жители, завсно дали е урбана или рурална средина. Тоа би значело дека во РМ требаат најмалку 4.000 локации за селекција или вкупно 12.000 контејнери за да може селективно да се одложува отпадот. Нашиот став е дека и понатаму интензивно ќе инвестираме во контејнери за селективно собирање на отпадот од пакување. Од особено значење е паралелно со нашите активности да има и активности од страна на надлежните органи во однос на доследна имплементација на Законот за отпад од пакување што значи сите компании кои што имаат обврска треба да партиципираат во системот и од друга страна очекуваме Јавните комунални претпријатија да започнат процес на унапредување на нивните технички можности и капацитети за да можат да ги сервисираат контејнерите кои што ги поставуваме“, изјави Филип Ивановски, главен извршен директор на Пакомак.
Во однос на информираноста и задоволството во однос на компаниите кои се надлежни за селектирање и рециклирање отпад значајно мнозинство (76%) од граѓаните сметаат дека јавните комунални претпријатија се надлежни за селектирање на отпадот за рециклирање.
Пакомак е друштво за управување со амбалажен отпад и игра важна улога во општеството, грижејќи се за здравјето на луѓето и природата преку едукација и подигнување на свесноста во однос на менаџирањето на отпадот од пакување. Негова долгорочна стратегија е зголемување на инклузивноста и партиципацијата на граѓаните во овие процеси, а следствено на тоа и зголемување на обемот на селектираниот и рециклиран отпад.