Од 103 анкетирани новинарки во земјава, 81.6% се соочиле со онлајн вознемирување. Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Анкетниот прашалник кој го одговараа новинарките, од ПИНА велат дека е дел од темелна анализа посветена на онлајн вознемирувањето врз новинарките.
Според новинарките, мотивот за вознемирувањето најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ, односно 56.6%. Во меѓувреме, 43.4% од случаите биле поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, додека во 36.1% од случаите поради објавени новинарски текстови за општествени случувања критички насочени кон некоја партија.
Истовремено, помал дел од новинарките кажале дека биле вознемирувани како резултат на изразување на лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите – 24.1% и кон некоја партија – 18.1%.
„Според податоците од истражување на Меѓународната федерација на новинари цитирано во публикацијата на ПИНА, 64% од новинарките се соочиле со онлајн насилство, од кои речиси половина (47%) не го пријавиле случајот. Резултатите од прашалникот на ПИНА покажуваат дека кај нас оваа бројка е уште повисока – дури 81,6% од новинарките во земјава се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа, а речиси половина (43,7%) вознемирувањето не го пријавиле никаде, додека најголем дел од останатите (32%) го пријавиле во својата редакција“, посочуваат од ПИНА.
„Над 29.7% од новинарките кажале дека биле споделени нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи, со цел нивна дискредитација. Со онлајн демнење се соочиле 22% од новинарките, додека оркестрирани кампањи биле организирани против 18.7%. Иако најголем дел (86,4%) од испитаничките потврдиле дека се информирани во која институција треба да се пријави случај на онлајн вознемирување, само 25,2% се обратиле до надлежната институција. Скоро половина (41,9%) од новинарките кои пријавиле онлајн вознемирување и напади биле многу незадоволни од соработката со институциите, а само две испитанички се изјасниле како задоволни“, додаваат од ПИНА.
Анкетата на ПИНА покажала дека новинарките најчесто не го познаваат вознемирувачот, односно 79.3% од нив, а додека 89.9% од испитаничките биле вознемирувани на социјалната мрежа Фејсбук. Од ПИНА исто така велат дека во заклучоците од анализата, еден од наведените проблематични аспекти е и непостапувањето од платформата Фејсбук при пријавување на онлајн вознемирувања.
Кај 74.3% од новинарките, доживеаното вознемирување не предизвикало промени во понатамошното однесување и дел од испитаничките ги игнорираат ваквите содржини, прифаќајќи ги како дел од професијата, што од ПИНА посочуваат дека го покажува високиот степен на нормализација на онлајн вознемирувањето.
„Како што истакна на Медиумскиот фестивал Скопје, авторката на анализата, Бојана Јовановска, целта на нападите во дигиталниот простор е да се замолчат гласовите на нападнатите, а посредно и да се замолчат и обесхрабрат нивните истомисленици, како и целни групи кои делат идентитетски карактеристики со примарните жртви на вознемирувањето. Токму затоа анализата е посветена на новинарките, кои како медиумски работнички се погодени поради својата јавна работа, но истовремено и како жени во патријархално општество“, истакнуваат од ПИНА.
Во онлајн вознемирувањето, според содржината доминира говорот на омраза во 69% од случаите, кај 51.7% од случаите содржината била сексизам, додека кај 43.7% шовинизам.
Во 24% од случаите, нападите во дигиталниот простор прешле во закани за физичко насилство, додека во 19.5% од случаите во закани по живот. Во анализата на ПИНА се посочува дека 36% од испитаничките сметаат дека се соочиле и со организирани напади.
Првата публикација на ПИНА „Од нормализација до самоцензура – Анализа на онлајн вознемирувањето врз новинарките во С. Македонија“ беше промовирана на Медиумскиот фестивал Скопје придружена и од краткиот документарен филм „Опасни мрежи“ во кој се разгледуваат искуствата на неколку новинарки кои биле мета на различни видови онлајн вознемирувања.
Целата детална анализа на ПИНА може да се погледне на следниов ЛИНК.
„Опасна мрежа“ – документарец на ПИНА за онлајн вознемирувањето врз новинарките