Колку лесно одредени банкноти пренесуваат бактерии? Постои ли разлика во топлината меѓу едниот и другиот тестис? Дали пиците штитат од болести? Колку плунка дневно произведува петгодишно дете? Ова се дел од научните истражувања кои ја добија ИГ Нобеловата награда на церемонијата во Универзитетот Харвард.
Годишната манифестација, која е пародија на Нобеловите награди, даде признанија на вкупно 10 комични, но практични научни истражувања, кои „прво ве тераат на смеење, а потоа на размислување“, како што гласи слоганот на наградите.
Признанијата ги доделува меѓународниот хумористичен магазин „Анали на неверојатни истражувања“, кое на сатиричен начин ги критикува традиционалните научни списанија и се залага за подигање на јавната свест за науката.
Наградата за анатомија ја добија научниците Роџер Миусе и Бурас Бенгудифа, експерти за фертилитет, кои на група француски поштари испитувале дали двата тестиси имаат иста температура. Според нивното истражување, левиот тестис е потопол, но само кога мажот носи облека.
Наградата за медицина му припадна на Силвано Галус кој истражувал дали пиците штитат од болести и смрт доколку се јадат во Италија, додека наградата за медицинска едукација ја добиле Карен Приор и Тереза Мек Кеон, кои истражувале дали основни хирушки вештини подобро можат да се научат преку програма за учење или преку демонстрација.
Наградата за економија ја поделија три научници кои тестирале чии државни банкноти најлесно пренесуваат опасни бактерии, додека наградата за мир ја добија научници кои испитувале кои делови од телото се најпријатни за чешање.
На добитниците на Иг Нобеловите награди за 2019 година наградите им беа врачени на хумористична церемонија, а секој од нив, традиционално, доби и парична награда од 10 трилиони зимбабвиски долари, кои пред да бидат официјално повлечени од употреба во африканската земја скори и да немале никаква вредност.
Целосната листа на добитниците на Иг Нобеловите награди за оваа година и нивните истражувања може да ја најдете на следниов ЛИНК.