Огромно мнозинство од младите никогаш не биле вклучени во решавање на некаков проблем во општината: 70.4% (Аеродром), 79.8% (Ѓорче Петров) и 72% (Карпош). Над половина од испитаниците не се воопшто вклучени во донесувањето на одлуки на локално ниво: 49,1% (Аеродром), 63,7% (Ѓорче Петров) и 52,4% (Карпош). Исто така, огромен е процентот на млади кои никогаш не учествувале во креирање на програма или буџет за млади во рамки на нивната општина: 92.3% (Аеродром), 91.1% (Ѓорче Петров) и 92.9% (Карпош).
Ова се дел од главните наоди од истражувањето „Потреби на младите на локално ниво”, спроведено во општините Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром, од Здружение на граѓани „Младите можат“ во декември 2020.
Податоците беа презентирани денес на онлајн јавна дискусија, каде беше кажано дека поголем дел од испитаниците во трите општини имаат искуство во волонтирање на различни начини и може да се забележи нивната желба и свесност за помагање во локалната заедница.
Но, за време на Ковид-19 пандемијата најголем процент од младите не се вклучиле во волонтерски акции – Аеродром (78,8%), Ѓорче Петров (85,1%), Карпош (89,3%). Најголем проблем за младите во сите три општини е загаденоста на воздухот: Аеродром (62,1%), Ѓорче Петров (28,6%), Карпош (42,9%).
Висок процент на младите не се запознаени со терминот младинска политика: Аеродром (84%), Ѓорче Петров (89,3%), Карпош (79,2%).
Податоците беа презентирани од Анита Николовска, извршен директор на „Младите можат. Според неа, фактот дека во февруари 2021 година се уште не се преземени значителни чекори за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, кој во огромна мера ги регулира младинските прашања на локално ниво, укажува дека воспоставувањето на законска рамка за регулирање на младинските прашања не е доволно.
„Имајќи ги на ум наведените состојби, неопходно е да се работи напорно за да се подобри положбата на младите на локално и национално ниво и да се овозможат услови за вистинско младинско учество”, рече таа.
Стефан Богоев, градоначалникот на општина Карпош, е среќен што 53% од младите во Карпош имаат некогаш волонтирано и што главната причина е што сакаат да помогнат.
„Карпош е општина на солидарноста и важно е младите карпошани да сакаат да помагаат. Од друга страна, ме загрижува фактот дека 73% од младите сакаат да се отселат надвор од државата. Посериозен напредок на оваа тема во нашата држава за жал во догледно време немаме“, изјави тој.
Според градоначалникот на Ѓорѓе Петров, Александар Наумовски, треба да се констатира дека без младите нема никаков развој.
„Верувам дека вакви иницијативи можат да вродат со плод. Во општина Ѓорче Петров во 2019 година беше отворен Младински информативен центар, за кој за жал немаше интерес“, изјави Наумоски
Претставникот од Аеродром, Тане Димовски, пак, тврди дека тие се меѓу првите општини што ги направиле потребните измени согласно новиот Закон за младинско учество и младински политики.
„Законот е одличен и мора активно да делуваме тој минимум сите општини да го предвидиме“, рече тој.
Инаку, спроведеното истражување е дел од проектот „Младински локални банки“, кој Здружението на граѓани „Младите можат“ го имплементира, a e поддржан од Американската амбасада во Република Северна Македонија.
„Преку овој проект целиме да воспоставиме систем кој ќе ги поддржува иницијативите засновани на локалното младинско лидерство на поодржлив начин. Проектот има за цел да создаде механизам за соработка помеѓу властите и младите, што резултира со државно финансирање на младински проекти, во трите наведени општини: Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром“, соопштуваат од „Младите можат“.