До крајот на годината, новата италијанска Влада најави забрана за работа во недела на големите трговски центри. Како што изјави вицепремиерот Луиџи Ди Мајо, со ова Владата сака да ја заштити традицијата на неделниот семеен собир.
Ваквите најави наидоа на критикиа од страна на извршниот директор на трговскиот синџир „Конад“, Франческо Пуљезе. Тој предвидува дека мерката ќе доведе до околу 50.000 откази.
„Истовремено, ќе се засили интернет продажбата, што негативно ќе се одрази и на големите и на малите трговци. Забраната за работа во недела во време кога светот оди во друга насока е смешно. Секогаш ме загрижува кога државата ќе почне да кажува кога треба да се купува“, рече Пуљезе.
Се проценува дека најмалку 19,5 милиони Италијанци купуваат во недела и тој ден, според анализите, е втор најисплатлив во неделата. Сегашното законско решение им овозможува на трговците самостојно да ги одредат работните часови во неделите, во зависност од побарувачката.