Италијанските власти вчера ја изгласаа новата мерка, а за сите вработени во приватниот и во државниот сектор стануваат задолжителни дигиталните сертификати за вакцинација, пренесува „Еуроњус“.
Мерката ќе стапи на сила на 15 октомври и ќе трае до крајот на оваа година.
„Ја воведуваме мерката за сите вработени, за да ги направиме работните места побезбедни, но и за да ја засилиме капмпањата за вакцинација“, изјавил италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанза.
Според министерството за здравство, мерката се воведува за да се намали инфекцијата од коронавирусот, но и да се ублажи очекуваниот зимски бран.
Сите вработени ќе треба да докажат дека се вакцинирани против Ковид-19, биле негативни на скорешни тестирања или пак го прележале вирусот.
Засега, задолжителниот ковид-пасош не е потребен за пензионери и невработени лица.
Секое вработено лице кое нема да поседува здравствен сертификат ќе биде суспендирано и испратено на неплатен одмор од пет дена, но нема да биде отпуштено од работното место. Истовремено, невакцинираните лица ќе може да бидат казнети и со парична казна во висина од 1.500 евра.
Италијанскиот Сенат гласал за воведување на мерката со 189 гласа „за“, 32 гласа „против“ и два воздржани.
Додека другите европски земји ги направија ковид-пасошите задолжителни само за здравствените работници, Италија е првата земја која ја воведе мерката за сите вработени.