„ Циркус на соништата“ (Dream Circus Project) на авторот Даниеле Катали од Италија е насловот на патувачката изложба кој ќе се претстави во сабота (8 ноември) во Мобилната/монтажна галерија на Центарот за современа уметност (ЦАЦ) од Скопје, со почеток од 13 часот.
Оваа изложба, која е со гостувачки карактер, претставува дела од релационата уметност и се стреми да ја истражи визуелната сликовност на соништата. Таа се претставува во форма на инсталација направена од стотици мали цртежи на хартија на кои се претставени соништа.
Посетителот, во рамки на овој проект, е поканет да напише/нацрта некој свој некој сон или кошмар кој оставил особен впечаток врз него/неа. За секој собран сон се продуцани еден или повеќе цртежи а во замена за секој сон, посетителите можат да изберат меѓу понудените цртежи на соништа кои се креирани за некој друг сон.
Како што се одбираат цртежите, инсталацијата се менува овозможувајќи простор за нови слики. Оваа размена ја прави инсталацијата со менувачки и недефиниран карактер која е секогаш во прогрес: понекогаш се прикажани стотици цртежи, понекогаш се само неколку дузини. Оваа изложба го испитува човековото несвесно и го става на површина, вадејќи ги највнатрешните чувства на посетителот и притоа предејќи невидливи нишки кои заедно поврзуваат непознати луѓе, места и градови.
Овој проект започнал во 2010 во Торино, Италија а негов автор е Даниеле Катали заедно со еден голем тим. Тие велат дека изложбените простори, галериите и современите уметнички центри каде гостува проектот се избрани не само на географска основа туку и заради потребата за менување на она што се смета за мејнтсрим кон попериферна реалност во современиот уметнички свет. Целта е да се креира и поддржи нови комуникациски мрежи како и пресретнување на широка палета на публики, секој пат со различен пристап кон посетата.
Учеството во овој проект овозможува продукција надвор од чиста употреба на објектот и/или на уметничкиот настан. Всушност, имплицитниот дијалог во актот на заменување соништа толку далеку, но сепак толку блиску, несомнено ги негува инхерентно релационите и партиципативни квалитети на проектот. Што е тоа што ги одвојува? Време? Место? Физички граници? Или наместо тоа, што имаат заедничко? Несвесното? Патувањето? Или непогрешивата техника на Катали?
Во рамките на проектот ќе се претстави и специјално создадената книга за негова промоција, наречена стриптиз книга од ремек делата „Сон на летната ноќ“ на Вилијам Шекспир.
Овој проект патувал низ целиот свет собирајќи повеќе од 600 соништа и кошмари. Гостувањето во Скопје е во рамки на неговата балканска односно „Медитеранска турнеја“ претставувајќи се во Трст, Белград, Скопје и Истанбул. После турнејата ќе биде организирана изложба на собраниот материјал во Торино во декември, оваа година.
Следната турнеја на изложбата е во 2015 год. и ќе патува од Лисабон до Шангај.