Италијанските стрип автори Андреа Акарди и Роберто Рекиони на Фестивалот „Стрип трип“ викендов во МКЦ

Второто издание на Фестивалот „Стрип трип“ ќе се одржи на 8-9 јуни (сабота и недела) во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје со почеток од 12 часот. Фестивалот, велат организаторите, ќе понуди богата програма за сите фанови и љубители на оваа уметност преку промоции на повеќе дела од домашни автори, како и промоција на графичкиот роман „Чамбара“ од италијанските автори Андреа Акарди и Роберто Рекиони кои ќе бидат специјални гости на Фестивалот. Исто така, ќе се доделат наградите „Македонско стрип наследство“ и „Македонска стрип иднина“, ќе има повеќе трибини со гостите, подкаст во живо на „Дебели гикови“, како и работилница за млади таленти и групна цртачка сесија.

„’Стрип трип’ е авторски фестивал каде гледаме да го промовираме македонскиот стрип, но и светскиот да го донесеме во Македонија. Оваа година во фокус на Фестивалот е Италија, која е лидер во производството на стрипови во Европа и благодарение на Италијанската Амбасада во Македонија ќе ги донесеме Андреа Акарди и Роберто Рекиони кои се исклучително познати и значајни во светот на стрипот“, истакна Давор Драмиќанин, еден од организаторите на фестивалот и дел од Здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“, на денешната прес-конференција пред МКЦ.

Фото: Радио МОФ

Како што појаснува тој, овие гости се автори на стрипот „Чамбара“ кој издавачката куќа „Бункер“ го преведе на македонски јазик и кое ќе биде промовирано во саботата (8 јуни) со почеток од 16 часот, а предходно со нив и амбасадорот Андреа Силвестри ќе се одржат две трибини, по што ќе следат потписи и потпишување за фановите.

 

 

View this post on Instagram

Фестивалот ќе започне во кино „Фросина“ од 13 часот со промоцијата на публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип 2016-2019“ од Александар Стеванов, а официјално ќе се отвори во 14 часот и ќе се доделат наградите „Македонско стрип наследство“ на Миле Топуз и „Македонска стрип иднина“ за конкурсот за најдобра стрип корица на тема „Самураи во твојот град“ на кој се пријавиле повеќе од 60 млади автори од повеќе од 10 градови од Македонија. Во склоп на Фестивалот ќе бидат изложени и останатите пријавени дела на овој конкурс.

„Стрипот е прогласен за 9-та уметност во Франција, а нашиот 9-ти автор е Миле Топуз, кој е наш доајен на стрипот од 60-тите години. Мислам дека оваа година, да ни е здрав  и жив, ќе полни 92 и ќе ја добие наградата ‘Македонско стрип наследство’ која ја доделуваме втора година по ред“, додава Драмиќанин.

Исто така, изложба ќе имаат македонските стрип автори Антонио Арангеловиќ, Гаја Смилевска, Горан Дачев, Владимир Благојевиќ, Дамјан Михаилов, Дарко Богданов, Никола Темков и Парагонс.

„Оваа година одиме малку понапред да го надоградиме и зголемиме фестивалот, малку додаваме и театар-стрип комбинација каде глумци ќе доловат сцени од Дилан Дог и Самураите, двете теми кои што се најважни оваа година и се поврзани блиску со главните гости од Италија“, најавува организаторот.

Во недела (9 јуни) со почеток од 12 часот ќе се случат промоциите на „Патот на старите богови“ од Владимир Благојевиќ, „Скрши што судбината гради“ од Гаја Смилевска, „Lucy the necromancer“ од Дамјан Михаилов и „Деветка“ број 11/12 од „Стрип квадрат“. Поткастот во живо на „Дебели гикови“ ќе започне од 14 часот, по што ќе следи трибината со Антонио Аранѓеловиќ и трибината „John Vardar vs the Galaxy“ од „Lynx Animation“.

 

Во недела од 12 часот ќе има и работилница за млади стрип таленти со Здравко Гиров и Белкис Аксу, додека од 14 часот ќе започне групната цртачка сесија со македонски стрип автори.

Дополнително, Владо Битаљано од „Бункер“ нагласува дека овој Фестивал е исклучително важен затоа што стрип фестивалите се носители на позитивни промени во едно општество и стрипот како медиум е признаен од целиот свет.

„За нас е важен затоа што е медиум, уметност која полесно допира до младите, спој помеѓу визуелни и наративни светови. Навиката за читање полесно се стекнува кај младите, и ако се собере сето тоа јасно е дека импутот е исклучително позитивен. ‘Стрип трип’ се обидува да ја опфати цела палета активности што се однесуваат на стрипот“, појаснува издавачот.

Според него, во ова поле доста заостануваме зад светот и генерално само со промоциите на „Стрип трип“ ќе се покрие годишната продукција на стрипови кај нас.

„Ситуацијата е аларманта. Чисто како една паралела, на територија на бивша Југославија излегуваат 1000 стрипови годишно, а кај нас на прстите на една рака може да се избројат новите изданија. Сметам дека е од интерес да се шири оваа уметност, затоа што е на многу кревки нозе“, потенцира Битаљано.

Тој додава дека овој настан ќе биде на светско ниво и покрај тешкотиите при неговата организација, како што е неиздвојувањето на финансии за фестивалот од страна на Министерството за култура.

„Малку е поразително што нема слух во државата за оваа уметност или нема некаква стратегија. За ова не се потребни големи пари, потребно е некој да сослуша и да има разбирање“, смета издавачот.

Битаљано истакнува дека тие се особено горди што реномираните автори од Италија ќе дојдат на Фестивалот и што првпат ќе има можност на промоција на странски стрипови да бидат и самите автори.

„Исклучително е атрактивно за посетителите во светот на стрипот да добијат на лице место посвета, слика или цртеж од самиот автор. Тоа е религија која се чува, баш е нешто важно за стрипофилите“, нагласува тој.

Автор на постерот е аниматорот и илустратор Гоце Илиевски.

На „Стрип Трип“ ќе бидат изложени и делата на од младите учесници на стрип-школата што е во организација на „Макстрипови“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Дополнително, првото издание на Фестивалот се случи минатата година во МКЦ, а земја во фокус беше Србија.

Ангела Петкова