Итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Сирија, Асад добил азил во Русија

Сиријците вчера се соочија со нова политичка реалност откако бунтовниците го зазедоа главниот град Дамаск, ставајќи крај на режимот на Башар ал Асад, кој побегна во Москва. Бунтовничкиот сојуз предводен од исламистичката Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) започна ненадејна офанзива во северозападна Сирија кон крајот на ноември, а потоа брзо ја зазеде територијата од силите приврзани на Асад додека се движеа кон Дамаск, пренесува Н1.

Сириските бунтовници соопштија дека ставиле крај на 24-годишното авторитарно владеење на Башар ал Асад, во првото обраќање на државната телевизија по молскавична офанзива што го изненади светот.

Асад вчера рано го напушти Дамаск во непознат правец, за подоцна руските медиуми, повикувајќи се на извори од Кремљ, да објават дека тој и неговото семејство пристигнале во Москва каде добиле азил. Руските власти претходно објавија и дека Асад поднел оставка, а потоа ја напуштил земјата, ставајќи крај на шпекулациите за неговата наводна смрт.

Сириската воена команда најпрвин ги извести офицерите дека режимот на Асад е завршен, а подоцна објави дека операцијата против „терористичките групи“ во клучните градови Хама, Хомс и Дара продолжува.

„Со сирискиот народ ја славиме веста за ослободувањето на нашите затвореници и кршењето на нивните синџири и објавуваме крај на ерата на неправдата во затворот Седнаја“, рекоа бунтовниците, мислејќи на големиот воен затвор на периферијата на Дамаск, каде сириската влада приведе илјадници луѓе.

Илјадници луѓе во автомобили, но и пеш го преплавија главниот плоштад во Дамаск, извикувајќи „слобода“ од полувековното владеење на семејството Асад, велат очевидци.

Во меѓувреме, прашање е што ќе се случува понатаму во Сирија. Исламистичката Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) во првата изјава во неделата наутро им порача на раселените Сиријци во светот дека ги „очекува слободна Сирија“.

На видеата објавени на интернет може да се види ослободување на затвореници од многу режисмки затвори, вклучувајќи го и озлогласениот затвор Седнаја.

Меѓутоа, како што се наведува, прашањето е колку всушност ќе биде слободна Сирија. Сите очи првенствено се насочени кон лидерот на ХТС, Абу Мухамед ал Џолани, кој сега во голема мера ја контролира земјата.

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) денеска ќе заседава на вонредна седница откако сириските бунтовници прогласија соборување на претседателот Башар ал Асад и ја презедоа контролата врз Дамаск. Седницата која ја побара Русија, ќе се одржи зад затворени врати.