Итно барање до Владата за сестрана заштита на Водно упатија 38 граѓански здруженија и иницијативи

Итно барање до Владата за да се обезбеди сестрана интегрирана заштита на Парк Шумата Водно упатија38 граѓански здруженија и иницијативи, предводени од „Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“

„Сегашната постапка на носење на Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, која бараме да се стопира, е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани. Со оваа (не)заштита на околу 40% од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти.

Ако досегашната многу повисока заштита на Водно која НЕ дозволуваше градби, знаеме како се изигра и Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница и покрај таа висока заштита и како резултат никнаа населби како што се Шпанско село, Сончев град итн – ВНАТРЕ во заштитениот појас на Шумата, можеме само да замислиме што ќе се случи со сегашниот предлог каде е (намалена површината на зоната на заштита и) дозволено градење на нови објекти за домување, приватни хотели и сл. Ова не смее да се дозволи по ниедна цена!“,  се посочува во писмото.

Здруженијата и иницијативите бараат вистинска заштита на Водно, од највисок приоритет. Додаваат дека целата историја на Водно, напорите, а пред сè зачувувањето на безбедноста на граѓаните од поројните поплави и заштита од ерозија, се игнорирани.

„Водно е специфично подрачје и неговата комплексна заштитата искажува неопходна потреба од вклучување на сета релевантна и научна експертиза и апсолвирање на сè она што е досега направено за заштита на и од Водно, како и целокупната документација и студиска анализа која што е правена со години наназад од секој аспект на користење, уживање и заштита на просторот. Неопходен е интердисциплинарен пристап во планирањето и заштитата“, појаснуваат тие.

Забелеѓуваат и дека голем дел од она што сега се предлага е во колизија со останатите закони, зонирањето е несоодветно и со тоа се нарушува функционирањето на безбедносниот систем за градот.

„Единствен начин на кој Водно вистински би се заштитил, од сите аспекти, и природни и од опасноста на ерозии и порои, и заштита на културното наследство, заштита од пожари, како простор за рекреација, воздушна бања на Скопјани, е да се изготви посебен Закон за Водно. Зонирањето во тој случај, наместо сегашното кое не го заштитува Водно, би било направено врз основа на сите изготвени студии и закони на сила за Водно, со што би се дефинирало точно кои активности каде се забранети и што е каде дозволено“, децидни се тие.

 

Очекуваат Владата да ги уважи овие аргументи и да го стопира процесот за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел. Истовремено апелираат итно да се пристапи кон изработка на посебен Закон за Водно, со формирање на експертска меѓуресорна комисија.