Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ од Иван Антоновски испратен под шифра: „Обид на македонистот“, беше избран за најдобар на годинешниот конкурс „Живко Чинго“.
Жири комисијата која одлучуваше за наградата беше во состав на проф. д-р Димитар Пандев, претседател, м-р Перчо Божиновски, член и доц. д-р Мерсиха Исмајлоска, член.
Иван Антоновски е писател, книжевен критичар, есеист и книжевен преведувач, асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Автор е на неколку книги со студии и есеи за современата македонска книжевност, поетски книги и книжевни преводи. Неодамна, во издание на „Матица македонска“ беше објавена неговата најнова книга „Просто и строго – Конески“.
Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Добитник е на неколку книжевни награди и општествени признанија, меѓу кои се наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и наградата „Франк Манинг“ на Ректоратот на УКИМ. Прогласен е за најдобар млад научник во хуманистичките науки за 2021 година и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот славистички комитет.
Наградата за најдобар расказ ќе му биде доделена во рамки на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“ што ќе се одржи на 13 август во неговото родно место Велгошти.