Годишен лауреат на четвртиот меѓународен конкурс за поезија „Антево слово”, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ е Иван Антоновски за неговата песна „Нека биде запишано“.
Второто место го освои Виолета Танчева – Златева за поемата „Стакло“, а третото место го поделија поетесата Ива Дамјановски за поемата „Остров“ и Кристина Камплоне од Италија за поемата „Роден сум“.
Специјалната награда ја поделија поетесата Билјана Станковска за нејзината поема “Црно око“ и американскот поет Бери Картер за поемата „Соништата на притвореникот“.
Наградата за млад автор ја однесе Ведрана Петрова за поемата „Исповед“.
Жири комисијата на натпреварот „Антево слово“ (2020/2021) ја сочинуваа Геро Ла Векија, Митко Гогов, Драгана Евтимова, Александар Поповски и Жорж Поповски.
„Познато е дека Анте Поповски како есеист многу често се занимавеше со археологијата на зборовите откривајки ги првите поетски објави уште кај нашите монаси во средновековието. Тој се обидуваше да ги одгатне, дооформи и дешифрира празнините во тие први објави на поетското кај нас. Дали намерно или како коинциденција, сеедно, песната со која Иван Антоновски учествуваше на годишниот конкурс „Антево слово“ насловена „Нека биде запишано“ се поклопува со таа пасија на Анте, односно со истражувањето на археологијата на зборот“, истакнале од жири комисијата за првонаградената песна „Нека биде запишано“.
Оттаму додаваат дека песната „Нека биде запишано“ на Иван Антоновски сe истакнува по неговиот оригинален пристап на толкување на веќе позната и надалеку обработувана тема – релацијата помеѓу нас и претците но и помеѓу помладите генерации.
„Колку колективното искуство и знаење во тој генерациски триаголник се пренесуваат од едни на други и каков е односот на единката кон колективот, кон неговата оставнина? Поетот говори за една новоконструирана историја во која се проткајува духот на Анте и се насетуваат неговите јанѕи за македонската судбина“, се вели во образложението за првонаградената песна.
На натпреварот пристигнале 120 поетски дела.
Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.