Пред неколку недели, високо во балканскиве планини, некаде помеѓу порцијата печен компир и сокот од боровница, ја имав приликата да ја слушнам ненадминливата изјава: „Полицијата никогаш не може да биде служба на граѓаните, оти мора да биде силна. Полицијата е државата.“ Бистроумата колекција на клетки поради која ми испадна вилушката во пола оброк е, ни помалку ни повеќе, туку вработена во безбедносните служби. Ова ремек-дело на платинесто руса коса, недозволиви количества пудра и премногу овластувања за сопствените ментални капацитети никако не можеше да биде поколебана, не само дека никој ја нема поставено на некаков трон, туку дека и тронот не постои, пишува Ивана Јордановска, во колумната за Gragjanite.mk.
Како дете на независна Македонија, единствената безбедносна служба која ја познавам е полицијата на Република Македонија. Но, како 24-годишно дете на независна Македонија, јас НЕ и верувам на полицијата. Јас не се чувствувам безбедно покрај човек во полициска униформа. Напротив, јас се чуствувам загрозено покрај човек во полициска униформа.
Ова не е начинот на којшто граѓаните би требало да се чувствуваат во присуство на полициските служби. Клучниот збор во сево ова е зборот „служба“. Изгледа дека постојано забораваме дека полицијата е сервис кој го плаќаат граѓаните за да ги штити согласно законите. Секогаш кога ќе купите млеко, секогаш кога ќе се возите во такси, секогаш ќе добиете плата, секогаш кога ќе купите имот, вие ја плаќате полицијата со тоа што плаќате данок на додадена вредност, персонален данок и данок на имот. Она што го добивате за возврат би требало да биде безбедност, правичност и почитување на сите човекови и граѓански права.
За жал, она што најчесто го добиваме во реалноста е далеку од она што би требало да го добиеме. Во овој момент, можеме да дискутираме и разработуваме политики и прописи коишто ќе ја подобрат ситуацијата. Но, постои еден апстрактен концепт кој ја содржи суштината на нашите проблеми: чесноста на служење.
Нема да речам дека живееме во време на изместени вредности, но се почесто се среќаваме со недостатокот на разбирање на службата на граѓаните како чесно и пред се, благородно занимање. Во вистински нео-либерален занес, го имаме сведено идеалот на служба на стереотипна, нискокласна домашна слугинка во сиво-кафеава униформа и чорапи – доколенки.
И проблемот не лежи само во полицијата. Во замената на улоги, сите оние што треба да служат станаа послужувани во нашето општество. Наместо полицијата да не служи нас, ние служиме за финансирање на полицијата. Наместо лекарите да не служат нас, ние служиме за исполнување на квотите и папирологијата на преобемната здравствена администрација. Наместо политичарите да не служат нас, ние служиме за собирање гласови, местење тендери и бескрупулозно трошење на пари кои се, верувале или не, наши.
Арогантноста во однесувањето на политичките елити не остава простор за двоумење околу нивниот став кон политичарот – службеник. Да се стави на услуга на граѓаните, да се исполнуваат нивните барања и да се бори секојдневно за она што му е потребно на обичниот Петре и Трајче во Македонија е навредлива и ниска позиција. Тоа е позиција на немоќ, наспроти идеалот на политичар којшто го имаме развиено: Политичар кој е „бог и батина“, човек на извонредна моќ и централизирана власт. Пречесто маж.
Но, во стремежот за подемократско општество, токму политичарот – службеник е идеалот кон кој мораме да се стремиме. Мораме да побараме и добиеме политичари и власт кои се подготвени да одговорат на барањата на граѓаните и со секој изминат миг од својата кариера да се борат за подобро утре. Не подобро утре за неколкуммината најблиски роднини, пријатели и партиски соработници. Туку подобро утре за безимените граѓани и граѓанки на оваа наша Македонија кои никогаш во животот не ги запознале, ниту ќе ги запознаат, а од коишто веројатно никогаш нема ниту да добијат благодарност. Во тоа се препознава величината на политичарот – службеник: Сизифовска борба за непознати, нечуени, невидени. Борба за граѓаните и граѓанките.
И како се обидувам да го образложам своето размислување во овие редови, со секоја наредна реченица се среќавам со идеален приказ на нашата ситуација. Имено, пишувам за „политичарот – службеник“ кој треба да дојде на власт во Македонија. Да владее. За разлика од англискиот јазик, ние се уште не користиме збор за водството во демократското управување кој ќе се разликува од „владеењето“ во феудалното општество. Нашиот јазик ја нема направено таа разлика бидејќи ние ја немаме достигнато таа разлика во нашето расудување.
Политичарот – службеник е и свесен за сопствената одговорност. Изневерената доверба на граѓаните мора да биде санкционирана соодветно. Како и службеник во било која друга област, кога политичарот – службеник се најде во ситуација каде ги нема исполнето обврските со коишто е задолжен пред законот и граѓаните, политичарот – службеник мора да си поднесе оставка. Оти има потфрлено во своето служење на народот.
На Мартин му требаше полицаец кој служи. На родилката од Гевгелија, на девојчето од Скопје и десетиците други им требаше лекар кој служи. На Тамара и требаше политичар кој служи. Ниту Мартин, ниту Тамара, ниту било кој од нас има аир од власт која само владее. Заслужуваме власт која служи.