Oваа година по шеснаесетти пат се одржа доделувањето на наградата „Денес“ која се доделува на млади визуелни уметници до 35 години од земјава.
Наградата ја освои Ивана Мирчевска за нејзиното дело „Медиум пукнатина: Aлтернативен сет на подлоги за искачување“ (2021), кое е хибридна инсталација составена од видео снимки, објекти, текст, 3Д анимации и звучен пејзаж.
„Медиум пукнатина е спекулативна средина изградена врз остатоци од материјална култура, објекти на меморија, звучни духови и визуелни прогонувања, поместени во времето и просторот. Црпејќи од постоечките пукнатини на планината Водно – траги од постојаното нагризување и пригибување на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување и во улога на ископувачи и истражувачи, делото испреплетува мрежа од семиотски, материјални и историски релации, халуцинации и ехоа, во кои домуваме заедно со пријатели, хтонски сожители и мноштво други“, гласи објаснувањето на уметничкото дело.
Годинава, финалисти за наградата беа четворицата уметници Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шеќеров. Уметниците своите дела ги претставија во НГРСМ „Мала Станица“ на 22 и 23 јуни. Изложбата на финалистите ќе биде отворена до 14 јули на истата локација.
Делото на Мирчевска беше избрано од петчлената жири комисија составена од Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата „ДЕНЕС“ во 2021 година, Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.
„Би сакале да го истакнеме сложениот ангажман во работата на Ивана, од една страна, со современи и политички итни дискурси во трансдисциплинарните области на хуманистичките и општествените науки, и, од друга страна, со различни, но заплеткани и вкрстени проблеми и аспекти на нашата современост, вклучително и антропоцен, екологија, капиталистичка екстракција, урбан развој и трансформација, родови нормативни феноменологии, дихотомии природа/култура и тело/технологија и многу други“, гласи објаснувањето на жирито за наградата.
Ивана Мирчевска (1992 година) е визуелна уметничка и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација.
Таа е дипломка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година).
Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото.
Неодамнешните дела и ангажмани на Мирчевска вклучуваат: уметничка книга “At an angle of 45 degrees” издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија Ко-Ра (2021 година), “Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees” Студио Приватен Принт (2021 година), како и колаборативните проекти: „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ во Галерија МКЦ (2021 година) и „Ничии прагови конкретно“ Галерија МКЦ (2020 година).
Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млади визуелелни уметници во земјава од овој вид. Добитникот на наградата добива двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU), како и можност да биде дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцира дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.
Наградата ја доделуваат Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк.