Ивановска: Извештајот на ЕК за корупцијата е аларм со сите црвени светла, власта мора да одговори на оценките

Власта треба да одговори за оценките во Извештајот на Европската комисија (ЕК) дека нема прогрес во борбата против корупцијата и исполнети се само 10% од препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), забележува Биљана Ивановска претседателка на ДКСК.

Таа посочува дека Антикорупциска отворила повеќе предмети, разговарале за повеќе појави кои му тежат на ова општество. Исто така, направиле повеќе анализи од кои излегле повеќе препораки и тие биле упатени до соодветните институции кои требале да ги имплементираат.

„Но, за жал, имплементацијата на нашите препораки е на многу ниско ниво, не е ниту една третина. Од друга страна, подготвивме и Национална стратегија, имавме стратешки пристап во борбата против корупцијата, бидејќи сме превентивен орган. Во таа национална стратегија ги детектиравме проблемите, мерките, активностите кои што одредени институции требаше да ги спроведат и точно се знаеше кој, кога и што треба да направи. За жал извештаите што ги направивме за 2021 и 2022 година покажуваат дека 20, односно 10 проценти од активностите се спроведени што е многу ниско ниво, или нема прогрес. Последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад. Значи ова е аларм со сите црвени светла. Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистинскиот пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад“, рече Ивановска во последното гостувањето на ТВ Сител.

Прашана кој е мотивот на ДКСК да продолжи со работа, ако со измените на Кривичниот законик дојде до застарување на повеќе случаи на висока корупција и злоупотреба на службена положба, Ивановска подвлекува дека Антикорупциска е превентивен орган и не е нивна работа да судат, ниту да делуваат репресивно, туку, вели, тие се „доктори за систематски преглед“.

„Не може некој што прави систематски преглед да биде и хирург. Хирургот е обвинителот, односно судијата. Од тука сакам да кажам дека е неминовно да постојат вакви институции кои што ќе укажуваат, но системот е поставен така што остануваат понатаму во синџирот други институции што треба да постапуваат по нашите укажувања. Крајната цел на нашата работа е подобрување на системот на контроли, намалување на ризиците од корупција. Во Националната стратегија сме ги детектирале ризиците од корупција, а најсилен ризик од корупција е политичкото влијание. Кога политичкото влијание би се намалило би оставило простор да дишат институциите. Тоа значи вработување и определување на висока раководна структура по институциите  врз основа на мерит и ветинг систем, а не врз основа на диксреционите овластувања кои црпат моќ од политичките ситуации“, вели претседателката на ДКСК.

Во однос на соработката со Обвинителството, Антикорупциска во својот мандат вели досега има доставено 50 иницијативи за кривично гонење, а не е процесуирана ниту една. А тоа е случајот и со над 200 иницијативи од 21- годишното постоење на ДКСК, освен за предметот „Бачило“. Но вели, секој треба да си постапува согласно надлежностите, а тие ќе ја продолжат соработката со Обвинителството.

Ивановска се согласува во однос на констатациите во Извештајот на ЕК за потребата од кадровско, експертско и буџетско јакнење на капацитетите на ДКСК, а во однос на законот кој ја регулира нивната работа, смета дека е потребно негово извесно допрецизирање.