Кога температурата на воздухот е над 35 степени повеќе од 5 дена, без врнежи и сува вегетација, малку треба за да отпочне пожар и тој брзо да се шири. Особено ако ваквата ситуација се искомбинира со топол бран и појава на слаб ветер, вели Ивица Милевски, професор на Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Милевски го сретнавме на Институтот напладне, кога летните температури се неподносливи, а во исто време низ државата има повеќе активни пожари. Поразговаравме за климатските промени, иако со фокус на актуелните случувања.
„Драстичното намалување на ветровитоста во многу региони во Македонија, особено во градските средини, е повторно резултат на климатските промени. Тоа е многу евидентно во зимскиот период. Затоа се јавува и толку силно загадување, затоа што нема воздушно струење за да ја раздвижи таа маса што е загадена. Сега во летниот период се случува обратно, се јавуваат некои центри на воздушни струења, но струи со врел воздух и тој врел воздух придонесува уште повеќе да се рашират пожарите во насока на ветрот“, објаснува тој.
Професорот Милевски се надева дека огновите набрзо ќе бидат изгаснати, но предупредува дека земјата ја очекуваат уште пожестоки пожари. Затоа, вели тој, властите не треба да се опуштаат, туку да бидат спремни за она што доаѓа.
„Ние имавме во 2007 година катастрофални пожари. Во 2012 и 2016 исто имаше жестоки пожари. Така што, таа периодичност, зачестеност, ќе се зголемува сè повеќе и повеќе. Не треба да се заборави, сега да помине маката и толку. Туку, треба да имаме извонредно опремена противпожарна служба затоа што тоа е тоа што нè очекува. Нè очекуваат сè пожестоки пожари и наместо во некои непотребни работи, финансиите да се вложуваат во опремување“, апелира професорот по географија.
Природните непогоди се најкарактеристичните неповолни елементи за во иднина, прогнозира Милевски. Ако денеска се пожарите, многу веројатно е до крајот на годината да има и поплави, смета тој.
„Самиот збор клима означува просечна вредност на метеоролошките елементи за долг временски период. Климата има еден природен принцип на рамнотежа, на баланс. Што значи тоа? Ако дел од годината бил премногу топол, тоа не значи дека таква ќе е целата година. Се очекува во наредните три-четири месеци да престане топлотниот бран и да настапат интензивни врнежи затоа што заради силната топлина, огромна количина на вода е испарена или испарува во атмосферата. Дополнително, помешано со честичките од пожарите, создаваат ткн. дождовни јадра и многу е веројатно до крај на август или септември да имаме дури и некакви интензивни поплави во делови од државата“, објаснува Милевски.
Торнадо во Чешка, снег во Бразил – последиците на климатските промени
Торнадата и снегот во предели каде досега не биле забележани, како и појава на страшни невремиња и интензивни топлотни бранови се директна последица на климатските промени, вели професорот Милевски.
„Климатски промени отсекогаш имало низ земјината историја. Климата постојано се менувала и ќе продолжи да се менува независно од човекот. Меѓутоа, поентата е дека има природни климатски промени – оние што се условени од природни процеси како промена на одредени елементи, на земјена ротација, револуција, појава на силни вулкански ерупции или појава на катаклизмички настани како што се метеорски удар со огромни димензии. Она што се случува во последните 200-300 години е последица на интензивно антропогено влијание, испуштање на огромна количина на ткн. стакленички гасови кои придонесуваат за драстично зголемување на глобалната температура. Сите проценки велат дека во последните стотина години тоа покачување изнесува отприлика 1 степен“, објаснува професорот.
Иако ова не изгледа како значајна цифра, Милевски посочува дека тој 1 степен е всушност просечна вредност. Па така, во некои региони покачувањето на температурите е многу поголемо, а во други е помалку изразено. Таа мала промена, додава тој, предизвикува промена на морски струи, кои пак предизвикуваат поинтензивни циклонски и антициклонски влијанија, што на крај се одразува во вид на бројни метеоролошки и други појави.
„Кај нас, според податоците што ги имаме за подрачјето на Македонија, укажуваат дека во последните 70 години, некаде блиску до 1 степен, значи од 0,7 до 0,9 степени изнесува покачувањето на просечната годишна температура. Ако ги споредиме триесетгодишните периоди од 1951-ва година и 1980-та, со период на пример од 1991 до 2020, ќе видиме покачување коешто е во ранг од 0,5 до речиси 1 степен. Што е навистина драстично и што е уште позагрижувачки сите сценарија укажуваат дека тој раст ќе биде уште подраматичен во наредните 30 до 50 години“, вели Милевски.
Во однос на врнежите, пак, ситуацијата е покомплицирана. Според професорот, врнежите нема да опаднат бидејќи глобално загревање подразбира засилено испарување на океанските и морските подрачја. Исто така, топењето на мраз од замрзнатите делови на планетата ќе дадат поголема количина на вода, а со тоа и поголемо испарување на таа вода, што на крај резултира со поголеми врнежи.
„Меѓутоа, друг е проблемот. Проблемот е што врнежите не се така рамномерно дистрибуирани во текот на годината како што било пред 50-100 години. Сега се јавуваат изразити сушни периоди и изразити поројни врнежи. Како што се случи во 2016 година во Скопје, кога за 4 часа беа излачени над 90 милиметри врнежи. Количина на врнежи што е карактеристично обично за два до четири месеци, заврна за само неколку часа“, нагласи Милевски.
Тој заклучува дека најголем дел од оваа вода останува неискористена бидејќи завршува во реките, а тоа пак го повлекува фактот дека ќе имаме се помалку водни ресурси.
„Врнежи ќе има, веројатно и повеќе. Но, количеството на употреблива вода и онаа што ни е потребна на нас ќе се намалува“, смета Милевски.
Шумите ни ја чуваат климата
Една од главните работи на кои државата треба да се насочи е заштита на шумите, смета Милевски.
„Не се сфаќа дека шумите ја чуваат нашата клима. Без нив, температурите многу подрастично ќе пораснат, последиците многу повеќе ќе се почувствуваат. Шумите ги чуваат и нашите води. При појава на врнежи огромна количина на вода се апсорбира во нив, па таа постепено се слева по изворчиња кои функционираа по цела година. Таму каде што нема шума, изворите може да функционираат 5-15 дена после дождови и толку“, објаснува овој професор.
Климатските промени се закана и за природните езера. Најдобар пример за тоа е Преспанското езеро, кое годиниве драстично се повлече поради затоплување на климата и зголемено користење на водата за наводнување. Постепено, посочи Милевски, изумираат и глацијалните езера на планините, но и реките.
„Рационално користење на водата, затоа што набрзо ќе ја немаме. Ќе мора да купуваме вода за пиење. Ние мислиме дека еве дома ќе се разладиме со клими, но тие клими испуштаат уште повеќе топлина преку нивните системи. Уште повеќе ја загреваат атмосферата. Поентата е дека треба со секое наше грижливо однесување кон природата, ние на некој начин да придонесуваме за намалување на климатските промени и намалување на ефектите од климатските промени“, апелира тој.
„На научниците им се недостапни податоците од УХМР“
Mакедонските научници во неколку наврати го изразувале својот револт за недоволното вложување средства од страна на државата за научни истражувања. Истото се рефлектира и во научни трудови за климатските промени, вели Милевски.
„Ние главно за жал ги користиме истражувањата што се прават во другите држави. Тука има многу фактори коишто влијаат. На пример, нам како научници недостапни ни се податоците од УХМР, односно мора сепак да ги плаќаме тие податоци, а тоа е доста скапо. Јас колку што знам во ниедна друга држава, барем за научни цени, не е ограничена употребата на метеоролошки податоци. Јас со тие податоци немам никаква корист, меѓутоа ќе изнесам некакво истражување. Труд кој може да користи на институции во согледување што се случува“, вели Милевски.
За да има мерливи податоци кои ќе ги согледуваат ефектите од климатските промени, за Милевски потребни се податоци кои засега како што вели, требаат многу средства за да се добијат.
„Треба да имаме крупни големи проекти со коишто може да го платиме тоа или проекти со коишто ќе имаме соработка со УХМР. Засега е оставено на тоа генерално податоците да се достапни условно кажано само за вработените во УХМР. Ние имавме пред 2-3 месеци една онлајн работилница со колеги од Израел, кои кажаа дека буквално сите податоци се достапни на нивните научни институти од нивната метеоролошка служба. Кај нас е таква ситуацијата што на пример можеби 20-40 илјади евра чини да ги земеме податоците за цела Македонија за да може да направиме убава анализа. Се снаоѓаме по разни канали меѓутоа тоа не би требало да биде така“, реагира Милевски.
Ова, пак, влијае врз интересот на младите истражувачи.
„Ситуацијата да мора да молат или да бараат различни други алтернативи додека да дојдат до некој податок, навистина претставува пречка во нивната желба понатаму да се занимаваат со тоа, да вршат истражувања и проучувања. Да не зборуваме за недостаток на опрема“, истакнува Милевски.
Затоа, според него, зборот климатски промени се користи проформа. Во тоа голема улога, смета тој, игра и образованието.
„Книгите или се застарени, или се едноставно преведени од странство некои од нив и не ја одразуваат ситуацијата кај нас. Поентата е дека не се сфаќа оти климатските промени се мошне просторно варијабилни. Она што е типично за подрачјето на Македонија, сосема е поразлично од она што се случува на пример во Италија или Франција, или Британија. Таму ефектите ќе бидат многу поинакви. Значи, ако кај нас ние очекуваме карактеристики во врнежите, зачестеност на порои, поплави итн. Во Британија и делови од Северна Русија се очекува зголемување драстично на врнежите со други ефекти“, објаснува тој.
Европа нè турка
Според професорот, Европа е таа што ќе нè турка да се помрднуваат нештата на подобро, додека државата се потпира на странски донации и фондации. Останува да се работи на два фронта – намалување на интензитетот и темпото на климатските промени, но и намалување на последиците од климатските промени.
„Кај нас, прво и прво, нашата држава и нашата економија се навистина релативно слаби. Тој наш импакт врз глобалните климатски промени навистина е минимален, меѓутоа нашиот импакт врз локалните климатски промени е огромен. И повторно тоа кај нас не се сфаќа. Еден пример за тоа е пренатрупаноста на градот Скопје со различни градби, со што се блокира правецот на ветровите, на доминантните ветрови кои се обично во правец северозапад и југоисток, или пак ветровите кои дуваат од Водно. На Водно имаме бројни градби коишто се точно поставени нормално на правецот на протегање на ветровите. Со тоа, централниот дел на градот едноставно е блокиран од било какво освежување од страна на воздушните маси. Тоа е особено евидентно во летниот период. Тоа неразумно градење, беспланско и без водење сметка на овие климатски елементи едноставно го гуши самиот град Скопје“, објаснува Милевски.
Дел од итните мерки што ги предлага професорот е подобрување на јавниот превоз со редовни линии и повеќе капацитети за да се избегне сообраќајниот хаос со автомобили. Некои држави, пак, се насочуваат кон изградба на што повеќе вештачки акумулации бидејќи водата ја апсорбира топлината од воздух. Но, контраефектот на ова е изградба на мали проточни централи, забележува Милевски, со кои како што вели, се уништуваат реките, кои овозможуваат дополнително освежување за време на горештините.
„Сега е топлотен бран, но веројатно е во јануари-февруари да имаме студен бран. Тогаш пак ќе зборуваме за студен бран. Во изминатите 10 години исто така имавме неколку години во кои се јавија екстремно ниски температури, до -26 и -27 степени. И тоа е последица на климатските промени“, нагласува Милевски.
Емилија Петреска