Министерството за информатичко општество и јавна администрација попладнево на својата веб-страница ќе објави нов нацрт-закон за медиуми. Ова го најави министерот Иво Ивановски на јавната расправа која е во тек, а на која се разгледуваат сите забелешки и предлози на новинарските здруженија.
Ивановски вели дека дел од забелешките на новинарите се прифатени, а дел не се, без да навлегува во детали. Јавната расправа ја организира Министерството, по жестоките реакции на новинарските здруженија околу одредбите во досегашниот нацрт-закон, кои според нив содржат низа пропусти и претставуваат опасност од воведување цензура во јавните гласила.
На јавната расправа денеска присуствуваат претставници на сите новинарски здруженија и организации: Центарот за развој на медиуми, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонската асоцијација на новинари (МАН), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), како и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМР).