Избирачкиот список од денес на јавен увид, преку 11 илјади граѓани не се внесени

Избирачкиот список за локалните избори на 15 октомври од денес ќе биде ставен на јавен увид и во него се запишани 1.816.127 гласачи, а не се внесени 11.346 граѓани, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Најголемиот број од лицата кои не се внесени во списокот (7.017) немаат живеалишта, дел се избришани од подрачните одделенија по основ на смрт, 1.418 лица се нераспределени и на 672 лица им е регистрирано поништено живеалиште. Како останати причини зошто овие лица ги нема во списокот се наведуваат и одземената деловна способност, отпуст од државјанство или избришани во акцијата за бришење.

Според роковникот на ДИК, граѓаните своите барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список можат да ги поднесат од денес до 9-ти септември, додека ДИК, по барањата и пријавите на граѓаните, е должен да одлучи во рок од 24 часа.

Членовите на ДИК на вчерашната седница истакнаа дека презентираните бројки не се конечната форма на Избирачкиот список. Според ДИК, повторно ќе се проверуваат сите лица, бидејќи бројот на гласачите од МВР и Државниот завод за статистика не се совпаѓаат.

Конечниот избирачки список треба да биде заклучен  на 24 септември.