Радио МОФ и минатата година продолжи интензивно да работи на создавање видео приказни кои обработуваа различни теми. Со цел да потсетиме на какви видео содржини работевме лани, подготивме листа од 10 видеа кои сметаме дека е добро да се погледнат одново.
1. „Комбо“ – Локална приказна за дружба, креативност и одржливост
Во населба Железара, во скопската општина Гази Баба се отвори просторот „Комбо“ – здружение за креативна одржливост. Местото е збиралиште на креативност, дружење и одржливост. Сите предмети внатре добиле „шанса“ за втор живот, откако веќе служеле некому, сега служат за разубавување на просторот и за промовирање поеколошки начин на употреба.
View this post on Instagram
2. Првиот хуманоиден робот ди-џеј во Македонија наскоро во некои од клубовите низ земјата
Запознајте го Алшар – првиот хуманоиден робот ди-џеј во Македонија, кој претставува спој на вештачката интелигенција и мехатрониката.
3. Новинарите зборуваат: ВИ може да биде сојузник во редакциите, но не и да го замени новинарот
Рапидниот развој на алатките за вештачка интелигенција (ВИ) секојдневно се заканува дека ќе ги „истисне“ луѓето од професиите.
Што се случува со новинарството? Знаете ли дека во Македонија веќе се генерирани првите тв-прилози со вештачка интелигенција? За да откриеме како ова може да се одрази врз новинарството кај нас, прашавме новинари како ВИ може да помогне при креирање вести и зошто (не)може да го замени човечкиот фактор во редакциите.
4. „Макстрипови“: Започнавме стрип-школа за средношколци за да се впрегне нивната креативност
НВО Инфоцентарот во Младинскиот културен центар е збирно место за група креативци – средношколци кои делат пасија кон стрипот. Тие се дел од стрип-школата што ја води Здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“.
View this post on Instagram
„Зелената арка“ заедно со пријатели и граѓани од повеќе генерации лани го прославија петтиот роденден на Општествената градина „Бостание“, со што одбележаа и пет години од почетокот на здруженото градинарство во Скопје.
Димитар Самарџиев од „Зелената арка“ за Радио МОФ зборува за активностите во градината, какви видови култури тука растат, но и зошто е важно да се гради колективен дух кон градинарењето.
View this post on Instagram
6. Во Охрид продолжува традицијата за рачна изработка на хартија по древна кинеска постапка
Над 20 години, во Охрид рачно се изработува хартија, по постапка од Кина од 2. век п.н.е. Ваквиот начин на изработка на хартијата е реткост во Европа и воопшто во светот, а работилницата е единствена во Македонија, па затоа има интерес и од туристи.
Работилницата е реконструкција на тоа како изгледал начинот на изработка на хартија во Охрид на средината на 16. век во манастирот Свети Наум.
7. „Камера Опскура“ на македонското женско писмо
Младите Винсент Вилчник и Емануела Ковачевска Китановска го креираа концептот „Камера Опскура“ (Camera Obscura) кој ги истражува македонските уметници.
Винсент доаѓа од Словенија и е докторантка на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Емануела е студентка на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
View this post on Instagram
8. Кризите низ објективот на акциските фотографи на ЦУК
Каде што има пожари, поплави и земјотреси, таму се и акциските фотографи на Центарот за управување со кризи. Еден од нив е и Борјан Михајловски кој е ангажиран како надворешен фото и видео соработник за екстремна фотографија.
Што носи самата акциска фотографија, со какви предизвици се соочуваат и како е да се фотографира за време на кризи?
9. Од другата страна на слушалката на бројот за итни повици 112
Десетици оператори во главниот Национален центар за итни повици кој работи 24/7, но и во седум други канцеларии кои работат во смени во поголемите градови секојдневно се соочуваат со секакви случаи и предизвици.
Како е од другата страна на слушалката на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112?
10. Телефонската линија за помош при откажување од цигари ги дава првите позитивни резултати
Македонија е една од водечките држави на луѓе кои што употребуваат тутун. Секој втор Македонец користи цигари додека пак според европскиот просек, 25% од популацијата се пушачи.
Овие податоци биле главна мотивација Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) да отвори телефонска линија за советување, со цел да ги поддржи лицата во процесот на откажување од пушењето.
Мартин Колоски