Државната изборна комисија (ДИК) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје изработија Прирачник чија цел е да го поттикне политичкото и изборното учество на младите во земјата.
Во него се објаснуваат моделите и телата за младинско политичко учество; зошто изборите и гласањето се важни за младите жени и мажи и значењето на инклузивните избори. Публикацијата, исто така, дава чекор по чекор упатства за самиот процес на гласање. Прирачникот е, исто так,а дизајниран да им помогне на ДИК и на младинските организации низ целата земја во нивните програми за обука.
„На младите, би им рекол: вашиот глас е важен. На вас е да ги внесете своите идеи, вашите грижи и приоритети и вашата енергија во политиката во оваа земја. Иако постојат и други начини да се чуе вашиот глас, како на пример на социјалните мрежи, гласањето е најефективниот начин да се направат политички промени. Особено на локално ниво, имате моќ да направите вистинска разлика во управувањето со вашите заедници,“ рече шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која, за време на неодамнешната онлајн промоција.
„Младите точно знаат во каков свет сакаат да живеат, во каква држава, што им е потребно, каде сакаат да работат и колку сакаат и сметаат дека треба да заработуваат. Затоа е важно младите да се вклучени и да учествуваат во одлучувачките политики, почнувајќи од правото на глас“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.
Тој додаде дека нивниот глас, ќе биде јасна насока какви политики ќе се креираат во однос на нив и нивната иднина.
Автори на Прирачникот се Бојан Кордалов, Адмир Шабани, Нина Шуловиќ Цветковска и Јасмина Тодоровска-Митева. Тој е достапен на македонски и албански јазик на следниот ЛИНК.