Излезноста на парламентарните избори до 15 часот според обработените податоци од 93.99% избирачките места е 36.75%.
Најголема излезност има во првата изборна единица, односно 41.78%, додека најмала излезност има во шестата изборна единица, односно 29.34%. Вкупно гласале 631.875 луѓе од 1.815.350 избирачи.
Во меѓувреме, излезноста на претседателските избори до 15 часот, според обработени 93.1% од избирачките места, во споредба со парламентарните избори е помала за 4.77%, односно таа изнесува 31.98%. Најголема излезност има во Крива Паланка – 58.29%, а најмала во Липково – 5.14%.
Излезноста и резултатите од изборите можат да се следат во живо на веб-страницата на Државната изборна комисија.
Инаку, претходно од Министерството за внатрешни работи соопштија дека нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземени мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени“, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
МВР апелираше до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.
Исто така, претходно јавниот обвинител и претседател на Комисијата на ЈОРСМ за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборите Џељаљ Бајрами изјави дека согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден до 13 часот течат генерално мирно и без поголеми нарушувања.
„Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса izbori@jorm.mk не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело“, рече Бајрами.
Бајрами истакна дека вчера по поднесена пријава во ОЈО Велес со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција бил оформен предмет во ОЈО Велес за две лица.
„За едното лице веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време, ОЈО Велес веќе презема дејствија за проверка на наводите кои се однесуваат на изборен поткуп“, рече Бајрами.
Исто така, известувања за сомненија за поткуп на гласачи биле примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент, како што рече Бајрами, за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства.
„И понатаму до овој момент станува збор за мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување“, додаде Бајрами.
Гласањето трае до 19 часот.
Денеска се одржуваат единаесеттите парламентарни избори и вториот круг од претседателските избори