Македонски Телеком и Т-Мобиле го избраа иновацискиот проект кој ќе биде македонски претставник на финалето на Конкурсот за иновациии 2014 организиран од Дојче Телеком во Краков, Полска. Оваа година на натпреварот се пријавија учесници од 39 земји со вкупно 326 идеи. По селекција во полуфиналето, дванаесет финалисти ќе се натпреваруваат во Краков на 27 јуни.
Победија студентите Димитар Миновски и Кристијан Ѓорѓески со нивната идеја за „паметна” соларна пумпа за наводнување, наменета за земјоделието, која се регулира преку интернет, а содржи и временска прогноза.
„Особено ни е драго што нашиот проект победи во толку силна конкуренција на иновативни проекти, меѓу кои беа и научни трудови на професори од нашиот факултет. Идејата која ја имаме, новиот начин на наводнување е систем кој користи природни ресурси за работа и заедно со температурата на воздухот, влажноста и временските услови е доволно паметен да оцени кога и колку да ги наводнува полињата со земјоделски култури и дополнително, сето тоа да му биде достапно на земјоделецот преку графички интерфејси на неговиот компјутер, вели Димитар Миновски.
Македонија беше една од земјите која имаше најголем број на поднесени идеи: 39 иновациски тимови, компании или поедници се пријавија на натпреварот, со што земјава е втора во светот, веднаш по Германија. Паралелно со финалето во Македонија се одвиваа националните прелиминарни конкурси во Атина, Братислава, Будимпешта, Букурешт, Подгорица, Прага, Тел Авив, Варшава, Загреб и Берлин.
Сите финалисти, меѓу кои и финалистите од Македонија ќе имаат можност да учествуваат во четиридневна програма за обука за нови компании каде ќе стекнаa знаења од експерти, ќе добијат увид во истражувачките проекти на Дојче Телеком, а ќе можат и дополнително да ја развијат својата идеа. Победничкиот тим од Краков ќе застане на сцената на „Долгата ноќ на почетниците“ на 6 септември во Берлин.