Избран нов градоначалник на Нови Сад, немири на протестот пред градското Собрание

Советниците во Нови Сад го избраа Жарко Миќин за нов градоначалник, додека пред градското Собрание траат протести и судири со полицијата. Миќин е советник од листата на владејачката партија, пренесе Ал Џазира Балканс.

Опозицијата се спротивстави на изборот на Миќин, наведувајќи дека актуелната власт го изгубила легитимитетот и нема морално право да избира градоначалник и градски совет.

Тие ги повикаа граѓаните на протест пред градското Собрание каде утрово се собра голем број луѓе пред почетокот на седницата. На градското Собрание, граѓаните фрлаа со јајца, а дојде и до физички судир со полицијата, при што биле повредени неколку лица.

Србија ја зафати бран протести по несреќата во Нови Сад на 1 ноември лани, кога загинаа 15 лица. Покрај оставката на премиерот Милош Вучевиќ, оставка поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Тримесечната блокада на повеќе од 60 факултети во четири државни универзитетски центри и блокадата на патиштата од студентите кои бараат одговорност од властите за смртоносното уривање на настрешницата, односно разоткривање на корупцијата на државно ниво и ефективно работење на институциите без политичко влијание, државните лидери ја нарекуваат „обоена револуција“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој тврди дека барањата на студентите се исполнети, залудно се обидува да ги повика на дијалог, наведувајќи дека дијалогот може да биде „лековит“ за актуелната општествена и политичка криза. Студентите му одговараат дека тој не е надлежен, односно дека тие сакаат ефикасно работење на клучните институции и поправедно општество.