Есејот на Евгенија Арсова во кој таа опишува проект со кој би им се помогнало на младите пациенти кои боледуваат од цистична фиброза во време на пандемија, е победникот на конкурсот на Радио МОФ од кампањата „Активизам под маски“.
На конкурсот пристигнаа 13 есеи, на различни теми, на млади луѓе кои сакаа да понудат креативно решение за проблемот со активизмот во време на пандемија, кога на сила се посебни Ковид 19 протоколи. Конкуренцијата беше силна, а есејот на Арсова се издвои по тоа што понуди конкретна акција за помош на една група која е многу силно погодена од пандемијата.
Во продолжение, прочитајте го победничкиот есеј:
„Се сеќавам дека еднаш многуууу далеку, пред само една година, кога излегувавме на улиците да го искажеме нашето незадоволство. Се чуствувавме како едно, а нашиот глас одекнуваше низ градските улици, одбивајќи се од прозорите на надлежните институции. Бевме малечки, ама се чувствувавме важно. Понекогаш извојувавме мали победи, понекогаш доживувавме порази. Понекогаш немаше промена, но нашиот глас се слушаше. Одеднаш дојде пандемијата. Целиот свет се претвори во една огромна зелена online точка (Извини, Карл Саган).
Sign in, like, share… Пред моите очи гледав како луѓето се обидуваа да го „очовечат“ интернетот. Се организираа дискусии, вебинари, онлајн журки, активистички петиции…се’! Но, дел од луѓето не заборавија на своите „офлајн“ проблеми. Решаваа да го искористат своето онлајн присуство за поголеми цели, бараа начини како да издејствуваат промена надвор од нотификациите на своите профили, па дури и да излезат на протести.
Па така, одлучивме дa ѝ ставиме крај на оваа умствена состојба исполнета со негативности до која бевме доведени од страна на целата ситуација со глобалната пандемија. Бидејќи тоа плитко размислување навистина не е од никаква полза, ниту пак ја отсликува реалната состојба, бидејќи не се само големите гестови од типот на протестите или пак распространетите хуманитарни акции кои имаат некакво значење и удел во прогресивното движење на општеството. Понекогаш е подобро нашето внимание да го насочиме кон проблеми кои честопати се запоставени од наша гледна точка, како индивидуи, носители на иднината.
Токму затоа областа во која го насочивме развојот на новиот проект претставува менталното здравје. Но ние не бевме предводени од страна на поимот во својата најопширна смисла. Всушност беше одлучено да се фокусираме на определена група поединци, чија психичка состојба би можело да се каже дека е најнежна и најлесно е истата да се доведе до стадиум на нестабилност, во овој бурен период. Станува збор за младите пациенти во нашите скопски болнички центри, од кои како нај запоставена поткатегорија ги земавме оние коишто боледуваат од цистична фиброза. Изолацијата од нивните најблиски и убавините кои сами си доаѓаат со уживањето на слободата им се во подалечен дофат од вообичаено.
Па она кон што се стремевме беше да ја промениме оваа ситуација. Свесни дека нема да можеме да им пристапиме во живо, осмисливме онлајн програма, која ќе е предводена од мене и неколку мои пријатели, ентузијасти за поттикнување промени, со цел да стапиме во континуиран контакт со нив. Преку оваа интерактивна програма секоја седмица едно работно попладне посветувавме на неколкучасовна онлајн Zoom дружба со пациентите, како и разни дискусии на теми кои нив им се при срце во тие моменти. Додека пак даден период од еден неработен ден употребувавме за заедничко гледање на некој филм. Покрај овие точно определени распореди за средби, се даде и слобода на пациентите да посегнат и по наша помош околу некои предмети за на училиште, за да можеме да ги намалиме нивните грижи околу училишните обврски. Не ги запоставивме и оние кои не поседуваа соодветна ИТ опрема, за нив побаравме од надлежните да им ја обезбедат, за да може активностите да бидат овозможени во целост, покрај што се олеснува и начинот на кој тие ќе ја следат наставата.
По неколку месеци ја достигнавме и нашата цел да се распространи дејството на младите активисти како нас за да бидат поддршка за оние на кои им е најмногу потребна во овие периоди. Започна како мал, локален проект, а сега веќе опфативме повеќе млади кои не боледуваат само од цистична фиброза, туку и од други заболувања (пример: леукемијата), употребувајќи ја дружбата како средство за обединување и силна поддршка во овие моменти на светска слабост.“