Мултифункционалната апликација за пребарување и селекција на производи, скенер на продукти, геолокација на мрежа на продавници, изработена од страна на група студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид е победник на наградата за најдобра андроид апликација организирана од „Техномаркет“.
Станува збор за апликација за мобилни телефони со андроид оперативен систем, софистицирана според перформансите, истата е динамична односно работи врз основа на конеција со интернет сервери, објави МИА.
Според координаторот на проектот, професорот Наум Тунтев успех претставува секоја активност на студентите со која нивното теориско знаење практично го применуваат во најразлични области.
„Изработката на андроид апликација претставуваше вистински предизвик за студентите да ги покажат своите способности за креирање на единствен проект со кој ќе се олесни достапноста до производите. Овој тип на соработка и можност што им се нуди на студентите е од големо значење и пред се искуство кое ќе има голем позитивен ефект во нивната понатамошна професија“, смета Тунтев.
Проектот на изработка на апликацијата траеше три месеци, а нејзината практична примена сите корисници ќе можат бесплатно да ја користат и да ја симнуваат преку „Гоогле плеј“. Победниците на наппреварот пак добија таблети „Самсунг галакси“.