Општина Центар ги објави резултатите за предложените идејни решенија за локалитетот на фабриката „Треска“. Вкупно пристигнале три конкурсни трудови, за кои одлучуваше жири комисија предводена од архитектот Миодраг Радоњиќ Бато. Сепак, прва награда не е доделена.
Прворангиран е конкурсниот труд на групата автори Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски, Билјана Темелковска и Маја Јанковска, на кои им е доделена втора награда во износ од 369.000,00 денари.
„Со конкурсното решение се предлага просторен концепт оформен од пет полуотворени станбени блокови, отворени кон централниот парковски простор со комбинирана катност од П + 4 до П + 8 лоцирани долж ул. „ Ф. Рузвелт“, централно поставен парк подолжно во правец север-југ како и станбени низови со катност П + 3 и П + 4 долж улицата „ А. Циборовски“. Со самата форма на блоковите оформени се интимни дворови за станарите и истите се поплочани и озеленети и сите се ориентирани кон централниот парк“, информираат од Општина Центар.
Второрангираниот конкурсниот труд со шифра „SRHNC“, кој доби 30.000,00 денари откуп, е дело на Сара Симоска, Лимба Минова Златески, Ружица Станковиќ, Нина Стрезовска, Христијан Пелтековски и Теодор Ангеловски.
Со ова конкурсно решение се предлага просторен концепт оформен од станбени блокови со катност П + 6 и станбени кули со катност П + 17 ,со намена А2 – домување, поврзани меѓу себе со внатрешни отворени атриуми.
„Композицијата на станбените целини е со високи и пониски објекти и партерното уредување и организација на атриумите со содржини за одмор, рекреација и можности за културни збиднувања“, појаснуваат од Општина Центар.
Автор на треторангираниот конкурсниот труд со шифра „КСИНГ“, со доделен откуп од 30.000,00 денари е Јане Стојаноски.
Неговото конкурсно решение се базира врз сеопфатна анализа на поширокото градско подрачје со цел да се интегрира просторот на ф-ка „ Треска “ преку препознатливи вертикални акценти долж улицата „М.Т.Гологанов“.
„Конкурстното решение нуди вертикален елемент- кула од 71,60м со П + 16 со намена Хотел, на аголот на улиците „М.Т.Гологанов“ и „Рузвелтова“ со голема парковска површина – парк- Шума и парк – Ливада со водена површина помеѓу, со што се овозможува интеграција на населбите „ Буњаковец“ и Тафталиџе“. Домувањето е концентрирано во два атриумски блока како реминисценција на „ Железничка колонија“ и два линеарни станбени блока, долж улицата „Адолф Циборовски“. Предвидените станбени единици се воглавно дуплекс станови. Во проектот е вклучена и детска градинка лоцирана периферно во директен контакт со зеленило“, стои во соопштението.
Овие три трудови во следниот период ќе бидат изложени во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ со цел граѓаните да ги видат и нивните графички прикази.