Избрани туторите кои ќе им помагаат на деца со атипичен развој при учење

Вкупно 31 тутор ќе им помага на учениците со атипичен развој при учењето. Тие се избрани како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, а ќе работат со деца од прво и второ одделение кои се стипендисти на проектот.

Во рамки на нивните работни задачи туторите директно ќе работат со децата со попреченост во насока на стекнување на работни навики и прилагодување кон барањата на наставниот односно предметно-часовниот систем. Тие ќе им помагаат на децата за остварување на целите на индивидуалниот образовен план, преку повторување на инструкциите, увежбување на зададените задачи и стекнување на бараните знаења и вештини по дадени напатствија и во соработка со наставникот и инклузивниот тим за ученикот.

Освен тоа, туторите ќе им помагаат на децата и во развивање на социјалните вештини и комуникацијата со соучениците, наставниците и другиот персонал.

Пред почетокот на нивниот ангажман, туторите поминале обука за развивање на вештините потребни за успешна работа со ученици со атипичен развој запишани во редовни училишта.

Проектот го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Тој се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а финансиски е поддржан од страна на Европската Унија.