Архитектите Климент Патчев, Филип Конески, Борис Јурмовски, Марјан Димиќ и Борко Георгиев ќе ја поделат првата награда од 200.000 денари на Конкурсот за избор на идејно решение за новиот лунапарк во Скопје, објави build.mk.
Втора награда во висина од 100.000 денари добија Бојан Муличковски, Кели Романалди, Горан Милевски, Душко Кузманов, Драгана Матова и Марко Ицев. Жири-комисијата формирана од Град Скопје одлучи третата награда во износ од 80.000 денари да му ја додели на архитектот Мишко Самарџиевски.
Овие автори со понуденото решение за просторот во Градскиот парк се победници помеѓу четирите пристигнати конкурсни трудови од домашни и од странски архитекти.
Идејата за изградба на лунапарк сега влегува во нова фаза, во која е неопходно да се изготви основен проект и целокупната преостаната документација.
Новиот забавен парк е најавено дека ќе се гради со финансиски средства од буџетот на Град Скопје и со помош на Владата. Во Буџетот за годинава се планирани 430.894 евра за изградба на новиот забавен парк.
Конкурсот за избор на идејно решение градските власти го распишаа во декември минатата година, а траеше до 23 февруари оваа година. Претходно, пропаднаа три тендери за да се најде приватен инвеститор за изградба на паркот бидејќи немаше заинтересирана компанија.
Во претстојниот период треба да се соопштат детали околу идниот изглед на паркот, површината што ќе ја зазема и неговата содржина.