Македонската асоцијација на издавачи на 35. Саем на книгата по седми пат ги додели своите награди. На овој начин, здружението им оддава признание на вработените во издавачкиот сектор и на авторите, наградувајќи ги нивните најуспешни трудови и дела во периодот меѓу двата саема (мај 2022 – мај 2023).
Писателот Влада Урошевиќ беше прогласен за автор на годината, кој изминатата година издаде две книги – романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој ја доби наградата Роман на годината и збирката раскази „Вонземјанки“.
„Оваа година дефинитивно е негова година и комисијата сметаше дека тоа треба да се одбележи давајќи му го и оддавајќи му го и ова признание“, стои во образложението на комисијата за доделување на наградите.
Победници во другите категории се:
Признание за најдобра едиција – „Пегаз“ („Арс ламина “)
Признание за најдобар дизајн на корица – „Баскервилскиот пес“ од серијалот за Шерлок Холмс од Артур Конан Дојл, илустрација и дизајн на корица на Александра Софрониеска („Арс ламина“)
Признание за најдобро ликовно-графички уредено решение – „Огледало во Македонија“ од Нил Фолберг, графичко уредување на Емилија Харалампиева („Арс ламина“)
Признание за најдобра книга за деца – „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“ од авторите Бистра Георгиева и Александар Трајковски, илустраторка Наталија Лукомска („ИД-концепт“)
Признание за најкреативно решение – „Ветерната приказна“ од Ника Гавровска со илустрации на Наташа Андонова („Гаврош“)
Признание за поттикнување општествена одговорност – „Водич низ природата“ од Кирил Арсовски Пржо, илустриран од Хари Дудески („Чудна шума“)
Специјално признание за промотор на читачка култура – Библиотека „Искра“ од Кочани