Издавачката куќа „Феникс“ распишува конкурс за современи бајки посветени на Скопје

Издавачката куќа Феникс од Скопје распишa нов литературен конкурс Конкурс за современи авторски бајки посветени на Скопје.

Оттаму истакнуваат дека ликовите, настаните, атмосферата и локалитетите треба да се поврзани со градот.

„Темите и мотивите се слободни, како и начините за стилска и изразна постапка од страна на самите автори. Обемот на авторските бајки треба да биде од 3 до 10 страници А-4 формат, а бројот на авторските бајки воопшто не е ограничен, што значи дека еден автор може да испрати повеќе свои авторски бајки“, велат од издавачката куќа.

Од „Феникс“ напоменуваат дека сите бајки треба да бидат потпишани со името и презимето на авторот, а во прилог треба да се наведе мејл, телефонски број и возраст.

Рокот за испраќање на авторските бајки е од 5 април до 5 мај 2022 година, а заинтересираните своите авторски дела треба да ги испратат на мејлот info@viart.mk

Од издавачката куќа нагласуваат дека избраните авторски бајки ќе бидат објавени во посебно издание – книга со наслов „Авторски бајки за Скопје“.