Изгаснат е пожарот во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно. Во гаснењето на пожарот било интервенирано со две возила и седум пожарникари, а помогнале и вработени од „Паркови и зеленило“.
Постојат сомнежи дека пожарот е намерно предизвикан.
Утрово околу 7:20 часот првично била добиена пријава за запалена бандера и неколку трупци спроти детското одморалиште, помеѓу Средно Водно и врвот на Водно, по што екипа на парк-шумата Водно излегла на лице место, а неколку планинари веќе дејствувале врз пожарот и помогнале огнот да биде целосно изгаснат, изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Еден час подоцна, Ангелов посочи дека лично добил пријава за пожарот во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“.
„Ја пренесов истата на Скопската противпожарна бригада, екипи итно излегоа на лице место, бргу стигнаа овде и го изгаснаа пожарот. Веднаш потоа дојдовме на лице место, при што забележавме дека покрај опожарениот планинарски дом ‘Даре Џамбаз’, скршено е и стаклото на продавницата кое што е во самиот крст, односно на подножјето на крстот на врвот Водно“, рече Ангелов.
Тој посочи дека се работи за вандализам на најмалку 3 места, како и дека од она што тој лично можел да го забележи е дека пожарот е започнат надвор од домот, од куп ѓубре или дрва кои биле запалени, а според кажувањата на првите очевидци, пожарот се проширил врз дрвената рамка, на прозорот на планинарскиот дом од каде што влегол во внатрешноста.
„Екипи на МВР се на лице место и засилено се трага по одговор на прашањето кој го предизвикал овој, но и пожарот подолу, спроти детското одморалиште, како и кој го извршил вандализмот врз продавницата која се наоѓа во самиот крст на Водно“, истакна Ангелов.
Во меѓувреме, од ЈСП Скопје соопштија дека жичницата нема да биде во употреба поради пожарот.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни услови за работа, Жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, посочија од ЈСП.