Пратениците во Европскиот парламент го избраа новиот состав на Европската комисија, за кој гласаа 370 европратеници, 282 беа против, а 36 беа воздржани, пренесува Н1.
Новиот состав на чело со старо-новата претседателка Урсула фон дер Лајен ја презема функцијата на 1 декември, со еден месец задоцнување.
„За“ гласаа пратениците од Европската народна партија, дел од социјалдемократите, либералите, зелените и конзервативците од партијата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), првенствено италијанските пратеници, додека против беа екстремно десничарските „Патриоти за Европа“, „Европа на суверени нации“, како и левицата.
Претставувајќи го Колеџот на комесари, фон дер Лајен изјави дека новата Европска комисија ќе се фокусира на безбедноста, економијата, проширувањето и зелената транзиција.
Таа укажа на посветеноста на земјите од регион за реформи и желбата за влез во Унијата, но и предупреди на активностите на Русија и изјави дека ќе направи се тоа да не се случи. Затоа, како што вели, ќе инсистира ЕУ да направи се што може за да им помогне на сите земји од регионот да станат членки на Унијата.
Новоизбраната комесарка за проширување Марта Кос рече дека динамиката на проширувањето на ЕУ денес е поинаква отколку пред пет години.
„Имаме променета геополитичка ситуација, но затоа динамиката на проширувањето е сосема поинаква, така што имаме реална шанса да доведеме неколку земји до крајот на договорот за влез во ЕУ во следните години“, посочи таа.