Откако беше реновирано бифето на Правниот Факултет, цените на храната и пијалоците се вивнаа до таван. Студентското кафе чини 50 денари, а храната е барем за 30 % поскапа отколку во сличните вакви објекти низ Скопје.
Студентите се револтирани, но немаат голем избор – по пет часа минати на предавања, мораат да се хрaнат во единственото бифе кое се наоѓа на факултетот. Скапо е, велат тие, но мора да купуваат храна и кафе.
Anketa studenti by Radio Mof on Mixcloud
За да биде иронијата уште поголема, цените за професорите во истото ова бифе се пониски. Од Факултетот, кој ја дал концесијата за бифето на приватник, негираат дека професорите плаќаат помалку. Сепак, според професорот Ванчо Узунов, ова не е точно.
„Да, се согласувам дека за нас професорите е полесно да се справуваме со цените на производите кои се нудат во бифето. Колку што сум информиран цените се за нас нешто пониски во однос на цените кои ги плаќаат студентите“, посочува Узунов.
Како професор по економија, тој сепак објаснува дека ако студентите го бојкотираат бифето, тогаш цените ќе мора да паднат бидејќи сопственикот нема да има друг избор. Тој истакнува дека факултетот треба да поведе повеќе сметка за овој проблем бидејќи бифето држи монопол над храната во овој простор.
„ Деканатот би можел да “го замоли“ газдата да ги спушти цените, но тој не мора да послуша, или пак, може да условува со евентуално намалување на киријата што тој му ја плаќа на факултетот. Но, што може да произлезе од тоа …останува да се види. Јас не би бил премногу амбициозен“, појаснува Узунов.
Од деканатот, пак, велат дека цените во бифето не ги гледаат како голем проблем.
„Во рамките на Правниот факултет „Јустинијан Први“ постои студентски ресторан кој како закупец просторот го доби на јавен тендер од десет понудувачи. Условите за добивање на просторот беа цените да се пониски во однос на сличните бифеа-ресторани во градот. Одредени цени мислам дека соодејствуваат со економските можности на студентите, а определени цени мислам дека се превисоки“, стои во писмениот одговор од Борче Давитковски, декан на Правниот Факултет.
Најави за намалување на цените во бифето засега нема. Со бифето на Правен стопанисува фирмата „Бифе Пауза“, а договорот за закуп истекува на крајот од оваа календарска година. Оттука се чини уште една година студентите ќе плаќаат „изгор“-цени за храна и кафе.
Симона Ристевска