Студентскиот парламент ќе ја врати довербата на студентите — е изјавата со која се разделивме по одржувањето на трибината Евтини студентски приказни организирана во месец април 2013 година во Скопје.
Kако што стои во официјалниот документ на Програмата за работа на СПУКМ за академската 2012/2013 година, Студентскиот парламент е „единствената организација што ги обединува сите студенти на Универзитетот“.
Оттука, неминовно се согледува дека студентите на УКИМ правно се обединети преку оваа организација и дека преку неа можат да влијаат врз пошироки општествени промени, бидејќи тоа е единственото признато тело што ги претставува и ги застапува сите студенти на легален начин, пишува Излез.
Во мај годинава, во емисијата „Студентски пикник“ на Канал 103 ги поканивме да гостуваат студентскиот правобранител, Симона Јандревска, и претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски. Во оваа емисија, претседателот се обиде да објасни многу нејасности во врска со финансирањето на Парламентот, со легитимноста на начинот на избирање претставници и со недостапноста на статутот на организацијата, како и да пренесе дел од ветувањата и од плановите за оваа академска година, меѓу кои се:
• Од месец септември, секој матичен парламент, во соработка со чадор-организацијата СПУКМ, има задача да изработи минимум десет проекти.Фактот што постојат 23 студентски парламенти укажува на тоа дека треба да очекуваме 230 проекти. Претседателот за ова изјави дека тоа го прават од неколку причини: „Пред сè, да бидеме поблиску до студентите, да бидеме транспарентни, да бидеме поприсутни медиумски. 23 факултети, 23 студентски парламенти, тоа го прави бројот од 230 проекти што треба да се реализираат и сметам дека со тоа ќе постигнеме значителен успех и значително враќање на довербата и запознавање на студентите, кои, и вие сте свесни, пред сè се апатични, не се запознаени со своите студентски претставници, не се запознаени со студентските организации, не се запознаени ниту со младинските организации…“
• Функционална интернет страница, за која сме сите свесни дека не се одржува ниту се ажурира, а за неа се извојуваат огромни средства годишно, како што ќе видите во прилогот. Како што кажа претседателот, „очекувам од септември да имаме добро ажурирана страница, мултифункционална и доследна на она што го работиме“. По ажурирањето на страницата, споменато е дека ќе се објави и статутот, кој секоја организација треба да го направи достапен во секое време.
• Според член 16 од Статутот на СПУКМ, Студентскиот парламент на Универзитетот е обврзан еднаш годишно да поднесе финансиски план и финансиски извештај за своите средства. Меѓу другите ветувања, годишниот извештај за приходите и за расходите беше најавен за септември, меѓутоа ниту е ажурирана нивната страница ниту на неа е објавен извештај, а септември веќе помина. Затоа, им испративме електронска порака за да се информираме дали и кога би можел да се очекува ваквиот извештај, но повратен одговор сè уште нема.
Понатаму, во прилог ви го претставуваме правилникот според кој се распределуваат средствата што студентите ги плаќаат под името ИКСА (информатички, културни и спортски активности), а од кои до дваесет отсто се доделуваат на СПУКМ. Може да се забележат неколку впечатливи моменти:
• Печатење информатори за секој бруцош со поважните телефонски броеви и институции што се од интерес за студентите, плакати и летоци за сите активности на Студентскиот парламент. Дали ова воопшто некогаш било реализирано?
• Одвоена е сума од 86 илјади денари за молерисување просторија од 214 квадратни метри, а потоа повторно е предвидено молерисување во следната програма. Јасно е дека ова е апсурдна сума за вакви потреби.
• Во Програмата за работа во 2009/2010 година се наведуваат 75 илјади денари за нова интернет страница со цел поголема достапност и информираност на студентите за Студентскиот парламент и за правобранителот, а во оној од 2012/2013 година — 30 илјади за одржување интернет страница, за која веќе споменавме дека е долго време нефункционална.
• Во двата извештаја се споменува набавка на истата опрема: проектор, компјутери, ласерски печатачи — и притоа средствата потребни за неа се зголемени од 100 илјади на 250 илјади денари.
• Помошта на матичните парламенти од 2009 во 2013 година е зголемена од 300 илјади на 600 илјади денари годишно за организирање активности на секој факултет (правнијади, економијади, градежнијади итн.), издавање студентски весници, организирање претстави и за други активности. Дали некој сретнал ваква активност на својот матичен факултет?
• За 2009/2010 година се предвидени 100 илјади денари само за организација на трибини во врска со ЕКТС, секојдневните проблеми на студентите, нивните права и со подобрување на информираноста на студентите. Во програмата за 2012/2013 година, оваа сума е двојно зголемена — 200 илјади денари. Дали воопшто некогаш сте учествувале на информативна или на каква било трибина организирана од СПУКМ?
Од сопственото искуство и од секојдневниот контакт со студентите, може да се каже дека речиси никој не е запознаен со организација на трибини, на претстави или на какви било други активности од страна на Студентскиот парламент, а ретко кој е запознаен и со неговата функција.
Прочитајте го целиот текст на Излез на следниот линк.