Студентската организација „Излез“, преку својот нов проект, „Креативна младинска акција“, ве повикува да се вклучите во шестмесечни работилници за да им се спротивставите на секојдневните општествени проблеми.
„Испратете порака и искажете став за прашањата што ве засегаат на креативен и автентичен начин одберете еден од петте медиуми преку кој можете да говорите најгласно: филм, фотографија, перформанс/театар, илустрации, креативно пишување. Потоа пополнете ја електронската апликација,“ објаснуваат од Излез
Задачата на секоја од петте групи ќе биде да лоцира проблеми што сака да ги претстави во јавноста и потоа да изработи креативен производ преку кој ќе изрази став, критика, порака.
Временската рамка од шест месеци опфаќа:
-еднодневен семинар за критичко мислење наменет за сите учесници;
-истражување на одреден проблем;
-запознавање со формите на изразување;
-работа со стручни лица, експерти во одредената област (уметници, креативни работници);
-предавања од страна на поединци, организации и активистички групи;
-вежби на кои учесниците ќе работат на своите првични креативни производи;
-јавен настан за претставување на првичните производи;
-работа на финален креативен производ со помош на професионалци, кој ќе биде претставен на завршниот настан;
-завршен настан: целодневна креативна акција.
Во текот на шесте месеци, секој учесник ќе има можност да научи што значат слободата на говорот и слободата на изразувањето, како да се идентификуваат проблемите во заедницата и како креативно да се запознае јавноста со изворот на проблемот, како да се зголеми свеста, како да се употребат традиционалните и новите медиуми како алатки за општествен активизам и како младите да се стекнат со самодоверба и со култура на проактивност и на граѓанско дејствување.
Адресата за контакт е kma@izlez.mk, а проектот е поддржан од УСАИД – Македонија и од ФООМ.