Првата песна од најновиот албум на домашниот бенд „June“ наречена „The Wall“ веќе може да се слушне на видео каналот Youtube, информираат од бендот.
„June“ во октомври годинава ќе го издадат својот втор албум насловен „Indian Summer“, кој ќе има нов современ звук, и ќе биде различен од она што досега имавме можност да го слушнеме од бендот.
Гостин на албумот кој е снимен во marryPHAT студиото во Скопје е Јане Трајковски (труба), тонец е Ивица Јанкуловски, а продуценти се „June“, Кристијан Евго и Ивица Јанкуловски.
Бендот „June“ е составен од Бојана Низамовска (вокал и акустична гитара), Филип Арсов (електрична гитара), Данчо Поповски (бас), Анте Гулин (тапани) и е познат по својот ентузијастички дух по кој веднаш се препознава љубовта кон музиката.
Формиран во октомври 2010 година, бендот прави значаен белег на македонската музичка сцена, давајќи и свежина со свирењето инди поп и американа, со доза на акустичен кантри поп.
„June“ досега свиреле на повеќе фестивали и концерти како Таксират 2010 со Nouvelle Vague, Егзит – 2011 , Здраво Млади – 2012, PIN Cоnference, како и многу помали концерти. Нивниот прв албум наречен „Someday soon“ излезе во јуни 2012.
Во продолжение погледнете го видеото за најновиот сингл на „June“, наречен „The Wall“.