Еколошките здруженија и инцијативи, на пет дена пред истекот на рокот што тие им го дадоа на надлежните да го решат проблемот со енормното аерозагадување, не се оптимисти дека ќе бидат применети мерките што тие им ги предложија на властите.
Досега не е спроведена ниту една од мерките што еколошките здруженија ги предложија на протестот на 28 декември пред Владата и тие најавуваат дека ќе преземат радикални мерки доколку Владата остане глува на нивните барања за чист воздух.
„Сметаме дека нашите барања не се исполнети. Воздухот и понатаму останува високо загаден и канцероген. Будно ги следиме состојбите и однесувањето на властите и на 15 јануари ќе информираме за идните наши, порадикални дејства доколку Владата остане глува на животното прашање кое се вика чист воздух. Не се откажуваме од одбраната на нашето уставно загарантирано право за здрава животна средина. Владата најавувава дека допрва ќе анализира кој и колку загадува, што покажува дека не е во состојба ниту ги има вистинските информации за да преземе соодветни мерки. Тоа е недозволиво, неетично и незаконско однесување од надлежните, кои покажуваат дека немаат капацитет да ја заштитат животната средина, како што налага член 43 од Уставот, велат од здружените иницијативи „Излези за воздух“.
Од еколошките здруженија велат дека додека ги чекаат надлежните да ги преземат мерките што им ги предложија, тие ќе бидат постојно будни и ќе работат на активности кои не се видливи во јавност, бидејќи се подготвителни.
„Се работи на координацијата меѓу Скопје, Тетово и Битола, како и на „будењето“ на жителите на другите градови. Но, пред сè, периодов будно ги следиме реакциите и акциите од институциите. Нашите еко-активности се одвиваат секојдневно со полна пареа, преку информирање на граѓаните за здравствените ризици од аерозагадувањето, кое според Светската здравствена организација е канцерогено, подигнување на свесноста околу штетноста на ПМ-честичките, интервјуа и гостувања во печатени и во електронски медиуми, активности на терен од типот на делење летоци и материјали со информации за аерозагадувањето“, додаваат од „Излези за воздух“.
Еколошките активисти ги повикуваат надлежните институции да дејствуваат сега и овде затоа што роковите за анализи, дебати, состаноци и за меѓусекторски координации меѓу министерствата одамна се поминати.
„Потребно е итно спроведување на заштитни мерки. Сметаме дека во декември 2015 година имавме вонредна состојба или елементарна непогода со ист размер како пожар и поплава, со концентрации на ПМ10-честички од 10 до 20 пати над дозволената максимална граница од ЕУ, во времетраење од последователни 20 до 30 денови. Според нас, напорите на надлежните за справување со вонредната состојба со аерозагадувањето беа минимални и незначителни и тоа мора веднаш да се промени, категорични се од „Излези за воздух“.