Во Музејот на Македонија на 16 јуни (среда) од 20 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Африкански лица“ со фотографии на реномираната македонска фотографка Билјана Јуруковски, од која ќе бидат претставени повеќе дела создадени за време на нејзините патувања низ Африка.
„Посебен интерес предизвикуваат прекрасните портрети на народот Сури, една од најизолираните заедници населени во Југозападна Етиопија. Преку оваа изложба ќе имате прекрасна можност да се запознаете со архаичната култура на Сурите, но истовремено и да го посведочите уникатниот талент на фотографката Билјана Јуруковски. За ова волшебно патување низ Африка ќе можете да се поразговара со фотографката Билјана Јуруковски на средбата која ќе се одржи на 17 јуни во 12 часот во Музејот на Македонија, соопштуваат од Музејот.
Од таму посочуваат дека по впечатливите изложби „Духовите на Африка“ и „Африка во Македонија“, кураторот Гоце Наумов преку изложбата „Африкански лица“ ја продолжува приказната за африканските култури. Оваа изложба ќе биде пропратена и со негово предавање за народот Сури кое ќе се одржи на 23 јуни во 12 часот, исто така Музејот.
За време на изложбата и пропратните настани ќе се почитуваат сите предвидени мерки и протоколи.
Изложбата е финансиски подржана од Министерството за култура.