Патувачката изложба „Ана Франк – историја за денес“ ќе биде отворена утре во 18 часот во Општинскиот Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ Штип. Триесетина изложбени панели во рамки на настанот донесуваат бројни детали од животот на еврејското девојче и нејзиното семејство на крајот на Втората светска војна, но и го актуелизира прашањето за повторната појава на нацистичката идеологија во современиот свет.
Изложбата е остварена во склоп на проектот Хисторија, историја, повјест, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам.
Девојчето, во целиот свет препознаено како симбол на детските жртви на холокаустот, е родено во Франкфурт на Мајна во 1929 година. Четири години подоцна со семејството се сели во Амстердам, по што во Германија на сила стапуваат противеврејските закони. Кога и животот во Амстердам станува сè поопасен за Ана и нејзиното семејство, тие се селат во тајното скривалиште каде што Ана во текот на две години пишува дневник. Во август 1944 година е забележан последниот запис во дневникот, а набргу е откриено и скривалиштето во кое се криела со семејството. Петнаесетгодишната Ана умира во логор. Единствениот преживеан член на семејството е Ото Франк, нејзиниот татко, кој го објавил нејзиниот дневник.
Посетителите низ изложбата ќе ги водат посебно обучени ученици водичи, волонтери на изложбата.
Изложбата „Ана Франк – историја за денес“ е бесплатна и ќе остане отворена за јавноста од 20 февруари каде ќе се одржуваат и организирани групни посети за средните и основните училишта, секој ден од 10:00 до 15:00 часот.