Изложба на циклус на слики со наслов „Балканска геометрија“ од Милош Милосављевиќ ќе се отвори на 5 февруари со почеток во 20 часот во Галеријата во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
„Циклус на слики со наслов „Балканска геометрија” е примерен предмет во уметничките истражувања присутни во моето творештво во период од последните петнаесет години. Кроз автентичен ликовен јазик, во една ликовна целина прикажувам синтеза на различни култури, која се јавува како последица на егзистирање на различни цивилизации на балканскиот полуостров. Чести судири на политички интереси (кои се и денес преприсутни на овие простори), кои неретко резултирале со разорувачки војни, оставиле голем белег, не само на карактеристична шаренолика архитектура на балканските градови, него и на култура и менталитет на балканските народи“, вели Милосавлевиќ.
Тој магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а дипломирал на Факултетот за уметности во Ниш. Милосавлевиќ е вонреден професор и декан на Факултетот за дизајн и мултимедија на ФОН во Скопје, каде предава курсеви од областа на цртачки, сликарски техники и илустрација.
„Ликовниот говор на Милош Милосављевиќ се поврзува со асоцијативната геометриска апстракција, која на сликарски вешт начин се спојува со лирската апстракција, предавајќи се на духовното истражување во времето и просторот. Анализирајќи ги општествените, гео-политичките и историските превирања на овие простори, Милосављевиќ ја визуализира феноменологијата на културно-историското наследство и степенот на различност, поставувајќи ги во центарот на настаните ѕидовите како метафори на апсурдните поделби и сеопшти дезинтеграции“, вели Радмила Лазаревиќ, виш кустос на Галеријата на Народниот музеј во Ниш.
Изложбата „Балканска геометрија“ ќе биде отворена до 15ти февруари.